Мерењата на емисионите вредности на цврсти честички на „Макстил“ се покажаа на минимално ниво и далеку пониски од граничните дозволени вредности, соопштува компанијата.
„Макстил“ мерењата ги спроведе во континуитет од јануари до декември, во текот на
цела 2021 година кога се работеше постојано, на двете контролни точки, во двата
производни погони. Добиените резултати се споредуваат со референтните вредности
пропишани од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Каде што дозволената гранична емисиона вредност е 30 милиграми на нормален кубен метар (мг/Нм3), на мерната точка „Оџак на Пескара“, во текот на цела година измерените вредности се движат од 0,32 мг/Нм3 во јануари до 7,63 мг/Нм3 во декември, додека највисоката вредност е измерена во ноември и изнесува, 11,93 мг/Нм3. Емисионите вредности на втората контролна точка „Оџак од филтер постројка“, каде пропишаната гранична емисиона вредност е 20 мг/Нм3, исто така во текот на целата година се околу десет пати пониски од дозволените и се движат од најниската 0,28 мг/Нм3 измерена во октомври до 2,47 мг/Нм3 во јуни, а највисоката што е измерена во јули изнесува 8,08 мг/Нм3 и е повеќе од двојно пониска од граничната.
Регистрираните вредности, на двете мерни точки се пониски и од дефинираните гранични емисиони вредности во А-интегрираната еколошка дозвола и од пропишаните европски гранични емисиони вредности. Ова е потврдено и од Државниот инспекторат за животна средина при чијашто контрола е констатирано дека нема отстапувања на емисиите од дозволените вредности. Инаку, Државниот инспекторат за животна средина во текот на целата година врши чести како најавени, така и ненајавени контроли на контролните точки.
„Макстил“, согласно својот општествено одговорен однос кон заедницата, а со цел максимално намалување на вредностите на емисија на цврсти честички спроведе обемни
инвестиции во современи технолошки процеси за контролирање на производството и
редуцирање на емисиите.
Во прилог на ова соопштение е пресекот на емисионите вредности на цврсти честички во периодот од јануари до декември, 2021 година.