Здружението „Гласен Текстилец“ и текстилни работнички бараат координираните акции меѓу инспекторите и сообраќајната полиција да продолжат и наредните денови во Штип. Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ вели дека викендов до нив пристигнале сведоштва и коментари од работници за условите во кои се возат.
-Апел до работодавачите да ги контактираат и проверат условите во кои се возат работниците. Триесет години плаќаат кон приватни превозници за тој превоз. Нека побараат и нормални услови, безбедни и достоинствени, вели Ампева.
Работнички на социјалните мрежи коментираат и споделуваат коментари, како се превезуваат од фабриките до нивните домови, на една од нив се гледа дека во зимски услови работничките имаат и отворен чадор во автобусот, кој како што велат прокиснувал од сите страни.
-Барем еден ден да видете и осетете на своја кожа, летно време ќе се задушиме од жешко, зимно време ладно, насекаде дува, а пак кога врне дожд со чадори се возиме во автобусот, еве ви доказ, да не речете лажеме, коментира текстилна работничка на фејсбук.
Во соопштението на Државните инспектори за труд се вели дека во петокот на територија на цела држава извршиле вкупно 74 инспекциски надзори.
-Од вкупно извршените надзори 54 се вонредни а 20 се контролни инспекциски надзори. Изречени се вкупно 21 инспекциски мерки и тоа 14 решенија со наредба за почитување на препораките за превенција и заштита на работниците при работа во услови на топлотен бран и 7 решенија за забрана за работа за утврдено непочитување на препораките односно затекнување на активности каде работниците се директно изложени на високи температури во период од 11 до 17 часот – се вели во соопштението на ДИТ.