Локалните избори во земјата се одвиваа во мирна и демократска атмосфера, со висока излезност и без поголеми неправилности, оценија од ВРЕДИ. Оттаму велат дека граѓаните испратија јасна порака на доверба кон нивните политики, а очекувањата се дека резултатите ќе ја потврдат таа поддршка.
Портпаролот на изборниот штаб на ВРЕДИ, Дритон Суљејмани, на прес-конференција изрази задоволство од текот на изборниот процес, нагласувајќи дека гласањето се одвивало мирно и уредно во сите општини.
-Процесот на гласање за локалните избори се одвиваше мирно и уредно во сите општини на земјата. Според информациите од теренот, процесот беше реализиран без поголеми неправилности, додека мнозинството граѓани го искористија своето право на глас на најдобар можен начин – изјави Суљејмани.
Од ВРЕДИ упатија благодарност до сите граѓани кои учествуваа во гласањето, оценувајќи го денот како доказ за демократска зрелост и граѓанска свест.
Во врска со излезноста во Чаир и Сарај, според Суљејмани, граѓаните покажале подготвеност да ја поддржат работата на ВРЕДИ во Владата.
-Имаме голема излезност во Чаир и во Сарај. Мислам дека бројките беа некаде блиску до 60 посто. Ова докажува дека граѓаните на овие две општини се подготвени за давање на доверба на политиките на ВРЕДИ коишто ние ги прикажавме за 15 месеци работа во Влада. И тоа што го покажавме како работа во Влада, тие го препознаа, и мислам дека сета оваа зголемена излезност е искажана доверба кон политиките на ВРЕДИ – рече Суљејмани.
Од партијата очекуваат фер и транспарентно броење на гласовите од страна на Државната изборна комисија, со целосна почит кон волјата на граѓаните.