Претседателот на ССК, Горан Ѓорѓиевски (Фото: Маја Јаневска Илиева)

Цената на лебот нема да се зголеми, цената на пченицата е стабилна, а нема да има големи флуктуации ниту во однос на суровото сончогледово масло, информираше денеска претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Горан Ѓорѓиевски.

Тој на денешната прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања во врска со евентуалните нови владини мерки, нагласи дека бизнисот не е за замрзнување маржи, туку за пазарно формирање на цените и дека „треба доследно да се применува Законот за нефер трговски практики“.

Во однос на минималната плата, пак, Ѓоргиевски потенцираше дека мора да има одржлив баланс кога се работи за платите и дека покачувањето на минималната плата влијае на зголемување на сите останати плати.

– Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да научиме дека треба да работиме, за да земаме плата, треба да креираме ситуација на работње во општеството. Тој што е квалитетен во приватниот сектор зема одлична плата, а оние што не се задоволни си заминуваат – рече претседателот на ССК.