Во македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања нема сериозни поместувања во дебатата околу Гоце Делчев, ниту пак има сериозни дискусии околу тоа прашање, изјави копретседавачот на Комисијата, Драги Ѓоргиев.
– Ние веќе рековме дека оваа Комисија, не е Комисија која што треба да го реши идентитетот на Гоце Делчев. Апсолутно не е работа на Комисијата во својот текст да истакне некакво свое видување за идентитетот на Гоце Делчев. И тоа нема ниту да се случи, бидејќи ако ние го славиме Гоце Делчев, тогаш славењето на таа личност треба да биде на други основи и на други вредности, а не дали Гоце Делчев бил Македонец или Бугарин – изјави вечерва Ѓоргиев во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма.
Ѓоргиев изјави дека Комисијата нема листа на историски личности за кои би предложила заедничко чествување, но информира дека од членовите на нашиот тим било предложено да се организира заедничко чествување на Холокаустот, но не наишле на подготвеноста за нешто такво од страна на бугарските историчари.
Тој нагласи дека на последните заседанија на Комисијата главна преокупација биле учебниците и членовите на ова тело сакаат да ги надминат забелешките за средниот век за да можеме да продолжат понатаму со работата.
Според него, интересот на јавноста за работата на Комисијата опадна во последно време, поради што и по последната средба одржана минатиот четврток и петок во Скопје не излегле со соопштение.
– Соопштение немаше, не затоа што ние не сакавме да дадеме, но навистина немаше интерес ниту од медиумите, ниту од јавноста – изјави академик Ѓоргиев.
Тој истакна дека и за самите членови на Комисијата е подобро да работат во една помирна атмосфера, без преголем фокус на јавноста врз нивното работење.
– Не само оваа, туку и претходните средби во Софија и во Скопје, минаа со многу мал интерес на јавноста. Не е толку до немањето желба кај Комисијата да нема општење со јавноста, повеќе јавноста и медиумите не се интересираат за работата на комисијата и очигледно имаат други теми кои се погорливи од нашата работа -, заклучи Ѓоргиев.