ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?

„Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци

Од осум часот наутро до осум часот навечер Ѓоко Здравески знаел да ги минува деновите на факултет. Тој има завршено на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и е првенец на својата генерација.
– Кога се запишав на факултет, си мислев дека студиите ќе изгледаат малку поинаку и дека ќе студирам во малку поинаква средина, но не ми требаше многу време за да сфатам дека високите критериуми што ги донесов од гимназијата тука нема да важат. Сепак, студиите ми беа презабавни, уживав во часовите поминати на факултетот, уживав во поголемиот дел од предметите, понекогаш по цели денови останувавме таму, од осум наутро до осум навечер, а за време на студиите запознав прекрасни луѓе, кои до денес ми се блиски пријатели – раскажува тој.

За време на студирањето, некои предмети биле толку обемни што била потребна цела година за да се подготват.
– Нашата група веќе во втора година стана многу малечка, па односите со професорите ни беа блиски, многу почовечки отколку на факултетите каде што на предавањата има по стотина студенти. Знам дека со месеци учевме некои испити: Старословенски јазик, Светска книжевност, Современи јужнословенски книжевности. Предметот Современи јужнословенски книжевности кај професорот Науме Радически активно го подготвував цела година, толку многу имаше за читање, а испитот, кој ми беше последен на студиите, беше пријателски полчасовен разговор со професорот. Во кабинетот на професорот, кој имаше нешто мистично во себе, секогаш беше пуштена чешмата, за испитот лесно да тече, но и, воопшто, за да тече водата како симбол на животот наспроти застојаноста на бетонското сивило – вели Здравески.
Тој ја имал среќата да му предаваат некои од врвните имиња од македонската книжевност, кои, за жал, веќе се починати.

Скапоцено искуство со врвни професори

– Нашата генерација имаше среќа да ги фати предавањата кај проф. Јадранка Владова и кај проф. Атанас Вангелов, кои за мене се скапоцено искуство, а кон крајот на студиите веќе седевме и кај Љупчо во библиотека, што за нас како студенти беше еден вид иницијација, бидејќи не можеше секој да седи таму и одблизу да разговара со професорите – објаснува Здравески.


Додека бил втора година, професорот по српски јазик, Чедомир Стојменовиќ, го испратил на Летната школа по српски јазик во Белград, настан што му дал сосема нов правец во животот.
– Случајно се најдов во неговиот кабинет во мигот кога студентката што требаше да оди во Белград го откажуваше своето учество, па професорот ми се обрати мене, а јас со задоволство прифатив. Тоа беа најубавите дваесет дена во мојот живот, таму се вљубив, па потоа отидов и следната година, а српскиот јазик ми стана втор мајчин јазик. Две-три години подоцна, на денот кога дипломирав, во ходниците на Филолошки ме сретна професорката Стојка Бојковска и ме праша дали сакам да бидам лектор на Филозофскиот факултет во Ниш. Повторно, колешката што требало да оди се откажала, па со голема поддршка од професорите од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, во учебната 2008/2009 година станав лектор по македонски јазик во Ниш. Таму останав осум години, а со тој град сум сѐ уште интимно поврзан и секогаш кога можам, му се враќам – раскажува Здравески.
Во 2016 година тој се враќа во Скопје за да ги заврши магистерските студии, кои биле под менторство на професорката Јасна Котеска.

Логичен след и чудесни појавувања на вистинското место во вистинското време

– Во следните четири години сменив неколку работи, но во Скопје правев и еден куп други работи што не се водат официјално како работа. Најпрво работев како уредник во „Бегемот“, па потоа во „Темплум“ и на порталот „Окно“, за потоа да ме повикаат да работам како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на местото на легендарниот Љубимир Тошев – вели Здравески.


Минатата година Здравески бил избран да работи како лектор по македонски јазик во Националниот институт за ориентални јазици и култури ИНАЛКО, кој е еден од основачките и најреномирани членки на универзитетскиот комплекс „Сорбона“ во Париз. Тоа подразбира активна настава со студенти од целиот свет, кои сакаат да го научат македонскиот јазик.
– Од оваа перспектива, сите настани од запишувањето на Филолошкиот факултет, па до денес си имаат некаков логичен след, а често беа комбинација од мојата посветеност на студиите и некои мои чудесни појавувања на вистинското место во вистинското време – заклучува Здравески.

Фото: Ана Лазаревска