Нашите пензии да им ги дадеме на функционерите да живеат барем два-три месеци, а тие да ни ги дадат нивните плати на нас, па нека живеат со нив, нека видат, порача пензионерка на денешниот протест пред Седиштето на здруженија на пензионери во Скопје.
Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови изразувајќи незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите, а денеска се собраа во главниот град.
Тие на денешниот протест побараа оставка од претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, бидејќи од Сојузот на здруженија на пензионери не се согласуваат со протестите.
Пензионерите бараат линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари, а минималната пензија да биде еднаква на минималната плата, која сега изнесува околу 20.000 денари.
Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.
Според најавите, пензионерите ќе протестираат и пред Министерството за труд и социјална политика каде ќе побараат средба со министерката Јованка Тренчевска.
Најниската пензија во земјава е 12 илјади денари, или околу 200 евра. Ваква пензија имаат околу 91 илјада пензионери. Има уште 66 илјади пензионери кои имаат пензија од 12 до 15.500 денари. Тоа значи дека половина од пензионерите живеат со примања помали од минималните.