Француското ротирачко претседателство е подготвено да ги вклучи барањата на Бугарија во преговарачката рамка за Македонија и ЕУ да стане гарант за нивната имплементација, пишува „Медиапул.бг“, повикувајќи се на извори на дипломати.
Се очекува предлогот да биде одобрен од другите земји-членки и покрај резервите дека билатералните прашања се пренесуваат на европско ниво, пишува сајтот.
Според претходно најавените информации предлогот ќе биде доставен во бугарскиот парламент. До вторник следната недела, за кога е закажан Советот за општи работи, Бугарија ќе треба да се произнесе за францускиот предлог, а два дена подоцна почнува состанокот на лидерите на ЕУ.
Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, претходно денеска по средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави: „Во Скопје не сме го виделе францускиот предлог“.
Мишел, пак, од своја страна рече дека е уверен оти наскоро ќе има позитивен развој на настаните.
– Ги поддржуваме сите напори да се најде заедничко прифатливо решение за отвореното билатерално прашање со Бугарија. Јас сум навистина вклучен со Франција и ЕУ да помогнеме да се придвижи овој процес нанапред и убеден сум дека ќе имаме позитивен развој многу брзо – рече Мишел на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски.