Сексуалните работнички предводени од првиот колектив на сексуални работници на Балканот, СТАР и здружението за опции на здрав живот, ХОПС, денеска со Марш на црвените чадори традиционално го одбележаа Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работнички, 17 Декември.
Како што истакна извршната директорка на здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Хајди Штерјова Симоновиќ, она што е поразлично од изминатите години е што годинава одбележуваат 15.353 денови до правда по донесувањето на пресудата на Граѓанскиот суд во нивна корист.
– Оваа година сексуалните работнички конечно остварија правда поради прекршување на нивните права од страна на институциите – истакна Штерјова Симоновиќ и додаде дека првиот пат пресудата била вратена на повторно одлучување, при што Основниот суд повторно утврдил повреда на правата, со што вториот пат Апелациониот суд ја прифати пресудата наведувајќи дека не им биле прекршени правата без да даде соодветна правна аргументација.
Таа нагласи дека токму тоа е повредата што ја утврди Европскиот суд за човекови права утврдувајќи дека на четирите апликантки, од 13 само четири продолжиле понатаму за Европскиот суд, Министерството за внатрешни работи им ги повредило правата, но и дека Апелациониот суд со тоа што само ја уважил жалбата на МВР без да даде никакво образложение повторно им ги повредил правата. Како резултат на тоа, Европскиот суд за човекови права им досуди обештетување од 3.300 евра.
– Оваа пресуда е важна затоа што првпат сексуалните работнички се охрабрија да побараат судска заштита поради институционално насилство и првпат истрајаа во постапката докрај. Оваа пресуда на ЕСЧП потврди дека сексуалните работнички треба подеднакво да ги уживаат своите човекови права и дека државата има обврска подеднакво да ги штити правата на сите граѓани. Пресудата на Европскиот суд дава можност преку повторување на постапката пред Националните судови да се исправат неправдите сторени врз сексуалните работнички – рече Штерјова Симоновиќ и додаде дека со оваа пресуда испраќаат порака до националните институции и судовите дека во демократска држава сите се еднакви пред законите и уставот и правата на сите граѓани мора подеднакво да се почитуваат и заштитуваат.
Како што нагласи, ХОПС, СТАР и сите останати поддржувачи на сексуалните работници секоја година работат за да се декриминализира сексуалната работа. Нивната цел е луѓето што се занимаваат со сексуална работа да бидат еднакви пред Законот и пред Уставот во државата.
– Во изминатите четири – пет години секоја година поднесувавме до Владата, кога ја правеа годишната програма, иницијатива за декриминализација наведувајќи ги сите правни основи и сите аргументи коишто одат во прилог на ова барање. Од некои институции добивавме некаков одговор, а тоа беше да се напише некаков закон којшто ќе го уреди сето ова, а потоа да се декриминализира во Кривичниот законик и во Законот за прекршоци против јавен ред и мир каде што се уредени овие дејности.
На маршот три од сексуалните работнички во изјава за медиумите го раскажаа искуство од вечерта на приведувањето, како и од текот на судењето.
– Мило ми е што некои од државите мислат на нас. Ова е прв пат ние како сексуални работнички да добиеме правда – изјавија тие.
На 20 и 21 ноември 2008 година, во вечерните часови, полицијата спровела полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција”, во која биле лишени од слобода 32 лица, од кои 23 сексуални работнички. Од нив 13 сексуални работници поднесоа тужба за заштита на нивните лични права пред Граѓанскиот суд во Скопје, кој во два наврати утврди повреда на правата и ги задолжи МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелацискиот суд конечно ја преиначи пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжија пред Европскиот суд за човекови права.