Денешните сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети. Северна Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на целиот регион, нагласија на заедничката прес-конференција претседателката Гордана Силјановска Давкова и генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој е во официјална посета на земјава.
– Во овој момент, затоа е и генералниот секретар на НАТО тука, неопходно е во рамки на НАТО да се надминуваат разликите, односно да се усогласуваат, за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО – потенцира претседателката Силјановска Давкова.
Таа изрази уверување дека НАТО не е само воен сојуз, туку заедница на споделена одговорност, но и, најважно, на заедничка визија, и дека ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на Алијансата.
– Како кредибилен сојузник ние го спроведуваме планот за инвестиции во одбраната. Потенцирам дека не се во прашање проценти и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Активно придонесуваме кон одбранбената позиција на НАТО и со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност – рече претседателката.
Силјановска Давкова истакна дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ и поради тоа, како што рече, очекува на претстојниот самит на НАТО во Анкара особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан, со оглед на актуелните предизвици.
– Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на копенхашките критериуми. Најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина, е нашето членство и членството на Западен Балкан во ЕУ – нагласи претседателката.
Марк Руте подвлече дека Северна Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источната страна на Алијансата.
– Северна Македонија издвојува повеќе од 2 проценти од својот БДП за одбраната. Ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да достигне до 5 проценти, како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите за одбраната и целосно да ги опремиме активностите на НАТО. Сакам да ја поздравам поддршката на Северна Македонија за Украина – рече Руте.
Тој истакна дека мора да се соработува за заедничката безбедност и дека Северна Македонија игра значајна улога во заштитата на безбедноста на Западен Балкан.
– Нашата посветеност кон регионалната стабилност е јасна, нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум. НАТО е посветен на заштита на сите свои сојузници, од каде и да доаѓаат предизвиците. Знам дека можеме да сметаме на Северна Македонија да го одигра својот дел – потенцира Руте на заедничката прес-конференција со Силјановска Давкова.




















































