Со преку 30 традиционални обичаи, стотици статисти и многу гости денеска во Галичник се одржа 61. издание Галичка свадба, на која се венчаа Даријан Кочоски и Стефана Димитрова.
Галичко потекло има невестата Стефана, која во пресрет на свадбата рече дека е преплавена од емоции, чувствува среќа и возбуда и е почестена што со Даријан се годинешните младенци на Галичката свадба.
Тие ја продолжуваат децениската традиција, која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да се сочуваат обичаите на Мијаците од заборав.
Меѓу бројните гости на Галичката свадба беа претседателката Гордана Силјановска Давкова и амбасадорот на Европската унија Давид Гир, како и голем број на странски и домашни гости.
– Верувам дека правилно ќе ја почувствуваме и ќе ја пренесеме галичката традиција која ни е оставена во наследство од нашите предци. Не треба да дозволиме нејзино искоренување. Ова беше моја желба, но многу е важно кој ми ја исполни таа желба – му благодарам многу на Даријан што уште еднаш ми покажа што значи вистинска љубов и разбирање – истакна невестата Стефана Димитрова.
Нејзиниот сопруг Даријан Кочоски кажа дека со задоволство прифатил да биде зет на годинашната манифестација, која секоја година ја посетуваат многу домашни гости, но и странски туристи, а се заблагодарија на организаторот, Месната заедница Галичник, што ги избрала токму нив да бидат младенци на „Галичката свадба 2024“.