Работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество е формирана денеска на владина седница.
-На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности. Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес. Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница. Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања – информира потпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа додаде дека со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство прават важен исчекор во поддршката на малите земјоделци.
-Овој закон овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот. Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди. Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ – нагласи Митева.

































