Владата на оваа своја четврта седница го донесе Решението за назначување на копретседавачи и членови во Заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу Македонија и Бугарија, што како заклучок беше произлезен од состаноците за време на официјалната посета на делегацијата на Владата на Република Бугарија на нашата земја.
За копретседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за економија, трговија и иновации се назначени Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, а за членови се определени Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија, а членови на комисијата треба да назначат и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за надворешни работи, Фонд за иновации и развој, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Агенција за промоција на туризмот, како и Министерството за економија за делот на енергетиката.
За копретседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за инфраструктура, транспорт и поврзување се назначени Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, а за членови треба да бидат назначени уште претставници на Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, на Министерството за финансии, на Министерството за економија, и на Министерството за надворешни работи.
Со заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики за копретседавачи се назначуваат Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање – ко-претседавач, а членови во оваа работна група треба да назначат и Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии и Министерството за правда.
За копретседавачи на заедничката меѓувладина работна група за култура, наука и образование се назначува Артан Груби, прв потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министер за култура, и Јетон Шаќири, министер за образование и наука – копретседавач. За членови во групата треба да бидат назначени и претставници на Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Агенција за промоција и поддршка на туризмот, од Агенцијата за млади и спорт – член.
Дополнително ќе се назначат и копретседавачи и членови за работната група којашто треба да се состои од претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика.
Владата денеска за државен секретар на Министерството за внатрешни работи ја именуваше Магдалена Несторовска, која што и досега ја извршуваше оваа должност, а Сашо Тасевски, за директор на Бирото за јавна безбедност при МВР, кој, исто така и досега беше на оваа должност.