Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја формира Комисијата за селекција на кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Собранието на 5 август го распиша Огласот за нов претседател на Антикорупциска и ќе трае 10 дена, односно до 15 август.
Формираната Комисија за селекција на кандидатите е составена од седум членови – Илбер Руфати, заменик Народен правобранител, Дарко Аврамовски, претставник на здружение односно фондација назначен за член на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа демократија, владеење на правото, односно членот во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество во областа владеење на правото и борба против корупција, Бардил Јашари, претставник на здружението односно фондацијата назначен за член во Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа медиуми и информатичко општество и пратениците Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери Стафаи од ВРЕДИ, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од Европскиот фронт.
Членовите на Комисијата за селекција се овластуваат да вршат обработка на личните податоци, при што се должни да обезбедат тајност и заштита на на податоците согласно Законот за заштита на лични податоци, за што до Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе достават изјави.
Претседателот на Комисијата за именувањата и изборите, Ѓорѓија Сајкоски информира дека Собранието има доставено барање за добивање мислење од ДКСК за како понатаму да ја водат постапката. Од ДКСК им посочиле дека немаат надлежност за давање мислење за постапување на органите на државна и локална власт. Им укажале дека се до конституирање на Советот на општините и Градот Скопје, е потребно да се почитуваат забраните утврдени во Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
– Согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК нема надлежност да дава мислење, согласност по доставените барања за мислење за постапување на органите на државна и локална власт и други државни органи основани согласно со Устав и закон – фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, регулаторни тела, трговски друштва основани од државата и други институции основани од државата во текот на изборниот процес. ДКСК делувајќи превентивно дава укажување до сите засегнати страни дека од денот на донесување на одлуката за распишување на локални избори во Република Македонија до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на Советот, односно до конституирање на Советот на општините и Градот Скопје, е потребно да се почитуваат забраните утврдени во член 8а и 8б од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, при што постапувањето е на одговорност на одговорните лица на субјектите. Со ова, како Комисија сакаме да укажеме на Комисијата за селекција дека нејзината работа ќе продолжи по завршување на изборите на 3 ноември – рече Сајкоски по читањето на известувањето од ДКСК.
Собранието на 1 август донесе Предлог на одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата откако сега веќе поранешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.
Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси во членот 14 предвидува во случај на оставка на претседател или член на ДКСК, Собранието да констатира престанок на функцијата. Во ставот 6 од овој член се наведува и дека во случај на престанок на функцијата или разрешување на претседателот на ДКСК до изборот на нов претседател на комисијата, функцијата на претседател ја врши заменик-претседателот на Државната комисија, со сите должности и овластувања кои ги имал претседателот.
Во членот 7, пак, се наведува дека во случај на разрешување, односно престанок на функцијата на претседателот, односно мандатот, Собранието најдоцна во рок од десет дена започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на Државната комисија.
Врз основа на членот 12 став 2 од Законот, во случај на разрешување, односно престанок на функцијата на претседателот, односно член на ДКСК пред истекот на мандатот, Собранието започнува постапка за избор на нов претседател, односно член на ДКСК во рок од десет дена од престанокот на мандатот.
Постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија започнува со објавување јавен оглас за избор на претседател и членови на Државната комисија, а ја спроведува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието. Собранието го објавува огласот во „Службен весник“ и во најмалку три дневни весници. Рокот за пријавување на кандидати за огласот е десет дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник на Република Македонија“.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието во рок од десет дена од објавувањето на огласот формира Комисија за селекција на кандидати за претседател и за членови на ДКСК. Таа ги проверува документите и ги селектира кандидатите, и во рок од пет дена од објавувањето на листата на овој член, се организира интервју на кандидатите кои ги исполнуваат условите од членот 11 на овој закон кое се емитува на Собранискиот канал.
Во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите согласно со утврдените критериуми и ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието во единствена предлог листа за претседател и членови на ДКСК, со образложение за секој од предложените кандидати.
За претседател на Државната комисија може да биде именувано лице кое е македонски државјанин и има постојано место на живеење во земјава, да има деловна способност, да има високо образование со стекнати најмалку 300 ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на правните науки или високо образование со стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на политичките, комуниколошките или економските науки, да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години работно искуство во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување, да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, во последните десет години да не било пратеник во Собрание, член на Владата, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија.