Формирањето на Советот за координација на активностите на Македонија во НАТО, е директна потреба од нашето членство во Алијансата. Имајќи ги предвид предизвиците за безбедноста и стабилноста со кои се соочуваме како дел од евроатлантската заедница овој совет ја зацврстува нашата отпорност и ќе помогне во нашиот координиран настап како институции кога е во прашање безбедноста во најширока смисла на работата на НАТО. Ова го истакна техничкиот премиерот Талат Џафери, во обраќањето на инаугуративната седница за формирање на Советот за НАТО активности. Тој се заблагодари на поддршката од Обединетото Кралство за формирањето на Советот од страна на МНР и Владата, кој е, вели, фрагмент од севкупната поддршка која земјава ја добива од Лондон и со која се овозможува нашата забрзана евроатлантска интеграција.
-Во услови кога светот се соочува со нарушена безбедност, со предизвицви за нашите вредниости и принципи од страна на авторитарните актери секој заеднички потфат и придонес во одржувањето на стабилноста и безбедноста како и на зацврстувањето на нашата позиција како фактор на стабилност на регионот. Токму тоа е ефектот кој очекувам да го постигне овој совет, но ние не сме само фактор на стабилност во регионот, ние придонесуваме рамо до рамо со нашите други сојузни, моментално 31, а наскоро 32, во зачувувањето на мирот на над милијарда граѓани со кои делиме исти демокартстски опредлеби за мир и сабилност. Како членка на најмоќната воено-политичка одбранбена алијанса во светот работиме за безбедноста на граѓаните на Северна Македонија како и на граѓаните на нашите сојузници преку спроведување на политиката за одбрана и одвраќање, инвестираме во договорените најсеопфатни планови од времето на студената војна дизајнирани за соодветен одговор и спротивставување на двете глави закани за Алијансата – Русија и тероризмот – рече Џафери.
Тој додаде дека оваа година го постигнавме зацртаниот придонес од 2 проценти од БДП за одбраната. Најави дека продолжува и силната поддршка за Украина која веќе две години се бори за својата слобода бранејќи ја својата територија од Русија, а Северна Македонија, рече, ќе стои зад Украина се додека е тоа потребно.
-Оваа година се одбележуваат 75 години од основањето на НАТО и четири години од нашето полноправно членство. Драго ми е што како премиер јас ќе ги предводам активностите со кои ќе пратиме јасна порака за нашето силно единство и внатре во Владата и во Алијансата – нагласи Џафери.
Британскиот амбасадор Метју Лосон, обраќајќи се на првиот состанок на Советот за НАТО, истакна дека оваа структура е важна за координација на работата помеѓу институциите и улогата на Македонија како членка на Алијансата.
-Инаугурацијата на Националниот совет денес е дел од нашиот придонес за да ве поддржиме како партнер и сојузник на НАТО, работиме блиску со сојузниците на НАТО, особено со САД за да обучиме и да опремиме баталјон којшто ќе биде подготвен за работа во 2026/2027 година. Ќе ви помогнеме да воспоставите и граѓанско – воена координација која што ќе функционира и во рамките на МНР и сме во очекување на проширување на ваквата соработка со клучните министерства, како и со Министерството за одбрана доколку е истото побарано од нас… Како држави се соочуваме со многу предизвици, а само заедно ќе можеме да се справиме со нив и тоа е всушност главната порака на 75 години од НАТО дека заедно сме посилни – рече амбасадорот Лосон.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека за неколку недели ќе одбележиме четири години од нашето членство, најголемиот, најважниот, првиот стратешки приоритет на државата, членство што, вели, доведе до гаранција за мир, стабилност, безбедност, меѓутоа и политичка и економска предвидливост.
-Нашето членство овие четири години коинцидираше со најголемите предизвици со кои Алијансата се соочи, меѓутоа и светот. Почна со пандемијата, потоа со нелегалната руска агресија во Украина, континуираните хибридни закани, меѓутоа сметам дека општ е впечатокот дека во овие четири години нашата држава се покажа како кредибилен партнер на НАТО. Не само што покажавме ефикасност во интегрирањето, мислам дека имавме рекордно брзо воено интегрирање. Меѓутоа, и во политичкото интегрирање и придонесот што го дадовме во овие четири години дали поврзано со руската агресија во Украина или воопшто предизвиците на НАТО, не направи кредибилен партнер – вели Османи.
Тој нагласи дека во пресрет на одбележувањето 75 години од формирањето на НАТО оваа година, претстои историски самит во Вашингтон каде ние треба да бидеме подготвени и ова се, вели, само дел од причините зошто треба да има сеопфатен пристап на донесувањето на одлуките за НАТО. Почнувањето на овој процес на координирање, смета дека ќе биде многу важен за да ги имаме сите перспективи на сите институции во носењето на одлуки, порача Османи.
Тој подвелече дека не треба да се потцени ризикот и покрај нашето членство во НАТО, оти се повеќе сега сфаќаме колку овој регион е вулнерабилен со ситуацијата во БиХ, односот Србија – Косово, растечкиот национализам и кај нас, дилемите околу стратешката ориентација. Сите тие можат да бидат точки кои споени во едно може да бидат линија на фронт, и оти постои сериозен ризик од зголемено руско влијание и во нашата држава.
-Оттука, не само што НАТО е важно за нас, но се разбира и ние сме важни за НАТО и сметам дека ова наше координирање од сега во кое што сите одлуки ќе ги донесуваме тука заедно под раководство на премиерот со сите министерства, институции ќе даде квалитет во одлуките, ќе даде инклузивност на сите институции, и се разбира уште поголема кредибилност за државата кон партнерите – рече министерот Османи.
По инаугурацијата, седницата за формирање на Советот за НАТО активности продолжи зад затворени врати. На седницата не присуствуваше министерката за одбрана Славјанка Петровска, чие обарќање беше најавено.