Фото: Игор Бансколиев

Од 16 до 22 септември во Прилеп ќе се реализира проектот Европска недела на мобилност.

Годишната тема на Европската недела на мобилност 2022 „Подобри врски“ и има за цел да ги истакне и поттикне синергиите меѓу луѓето и местата, кои ја нудат својата експертиза, креативност и посветеност на подигање на свеста за одржлива мобилност и промовирање промени во однесувањето во корист на активна мобилност, како и воспоставување врски помеѓу постоечките групи и нови приврзаници.

Според програмата на 17 септември, сабота автобусите од градскиот превоз ќе возат бесплатно цел ден, а на патниците што ќе го користат јавниот превоз ќе им се делат промотивни материјали.

В недела ќе има организирано заедничко возење со велосипеди до местото викано Слива, каде што прилепските велосипедисти имаат изградено летниковец и освежување на истиот и околината околу него.

Понеделникот е Ден без автомобили. Булеварот Гоце Делчев ќе биде затворен за сообраќај од 07.00 до 19.00, а отворен за активности и разни спортски игри, кои се координирани од страна на училиштата, детските градинки, НВО, спортски Сојузи и спортски клубови:

-Над 1500 градови во светот, меѓу кои и Прилеп, ќе затворат една, неколку или повеќе улици за автомобилски сообраќај, а ќе ги отворат за активности за граѓаните. Ние тоа го правиме со булеварот Гоце Делчев. Целта е барем на овој ден децата да може да поиграат слободно и безбедно на улица и сите ние да почнеме да замислуваме поинаква иднина за нашите градови: со повеќе пешачење, возење точак и користење јавен превоз. Ден без автомобили значи улицата во текот на повеќе часови на денот да биде отворена за различни активности: детски улични игри, возење точаци и тротинети, џогирање, вежбање на отворено, музика и шетање. Ден без автомобили значи и ден кога вработените ќе одат до своите работни места пешки, со велосипед или користејќи јавен превоз. Да доживееме како ќе изгледа нашето соседство со повеќе игра, а помалку бучава од автомобили, со повеќе активни луѓе и помалку загадување – велат од општина Прилеп.

Во вторник на 20 септември е планирана ноќна трка на 5 км „ПРИЛЕП ТРЧА“ со старт од 19 часот пред рекламите, додека на .21 септември, среда, е возењето со велосипед низ градските улици со старт од 18 часот од плоштадот Александрија.

Ка.М.