Советот на ЕУ ја одбил бугарската декларација со која се барало „ефективно гонење и осуда за злосторства од омраза од страна на властите во Северна Македонија“. Софија барала нејзината унилатерална изјава да влезе во заклучоците на Советот за општи работи во делот за Северна Македонија, но министрите го одбиле тоа барање.
Дел од медиумите во Бугарија вчера објавија дека бугарската декларација била прифатена, но според заклучоците на Советот во кои имал увид Дојче веле тоа не е случај. Бугарските медиуми се повикуваат на заклучокот за „понатамошно зајакнување на основните права, слободата на медиумите и слободата на изразување“ кој е наведен во точката 12 од заклучоците, и кој се однесува на сите земји од регионот на Западниот Балкан.
Во изјава за Дојче веле, тоа го потврди и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.
– Унилатералната декларација на Бугарија не е дел од заклучоците, и тој нивни поединечен став не беше прифатен од останатите земји – вели Маричиќ.
Вицепремиерот појаснува дека заклучоците на советот „само потсетуваат на претходните заклучоци“ донесени во јули годинава од летово „и сѐ останато е поддршка за нашата позиција и и продолжување на пристапните преговори“.
Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот на стабилизација и асоцијација. Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување на билатералните договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Во текстот се напоменува дека мора да се избегнуваат изјави и активности што негативно влијаат врз добрососедските односи и на мирното решавање на споровите.