Најголемата гаранција за стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, како и за неговата отпорност на влијанија од трети страни, е неговата целосна и забрзана политичка интеграција во Европската Унија, истакна претседателката Гордана Силјановска-Давкова на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во официјална посета на земјава.
Таа нагласи дека оваа порака лично му ја пренела на Руте, потенцирајќи дека европската перспектива на регионот е клучна за долгорочен мир. Според неа, на Самитот на НАТО во 2026 година во Анкара треба да се отвори сериозна дебата за безбедносната состојба на Западен Балкан, имајќи ги предвид актуелните геополитички случувања.
Претседателката повика да се надминат, како што рече, вештачките пречки и историско-идентитетските спорови кои го блокираат проширувањето на Унијата, и процесот да се врати во рамките на Копенхашките критериуми. Таа оцени дека членството на земјите од регионот во ЕУ претставува најсилна инвестиција во безбедноста не само на Балканот, туку и на Европа во целина.
Осврнувајќи се на посетата, Силјановска-Давкова оцени дека таа е потврда за сојузничката солидарност и заедничката одговорност. Таа подвлече дека НАТО, покрај тоа што е одбранбен сојуз, претставува и заедница на заеднички вредности и визија за стабилна иднина, додавајќи дека државата останува посветен и кредибилен сојузник.
Во рамки на посетата, Руте се обрати во Собрание на Република Македонија и оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски и со собранискиот претседател Африм Гаши. Тој ја посети и касарната „Илинден“, каде беше презентирана лесната пешадиска баталјонска група на Армијата и дел од нејзината опрема.
































