По повод 120-годишнината од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“ во 1902 година во Санкт Петербург, издавачката куќа „У Никитских ворот“ од Москва ја објави драмата „Последниот ден на Мисирков“ од македонскиот автор со интернационално реноме Јордан Плевнеш.
Преводот на руски јазик е на Олга Панкина, која во последниве три децении има објавено преводи од врвните имиња на македонската литература.
Книгата е со предговор на Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите, во кој се истакнува: „Формирањето на ‘Македонско научно-литературно другарство’ во Санкт Петербург“ е настан којшто барем симболично го означува почетокот на македонската современа научна мисла.
Меѓутоа, за жал, МАНУ сѐ уште не собра сили, наместо 55-годишен јубилеј, да го прославува 120-годишниот јубилеј од своето формирање, практика воспоставена во соседните држави Србија и Бугарија, кога станува збор за нивните академии САНУ и БАН, соодветно.
За среќа точно на 28 октомври 2022 година се случува едно духовно чудо: Во чест на 120-годишнината од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“ во издание на издавачката куќа „У Никитских ворот“ од Москва излезе во превод на Олга Панкина, драмата „Последниот ден на Мисирков“ од македонскиот литературен Херодот, Јордан Плевнеш“.
Во книгата исто така е објавен опсежен поговор на академик Георги Старделов, под наслов „Дефиниција за Македонија“, во кого што е направена една филозофско-поетичка трансферзала за значењето на Мисирков во балкански, европски и светски контекст.
Првите примероци од книгата ќе ги претстави пред јавноста претседателот на МАНУ, на 28 октомври на научниот собир по повод јубилејот на МНЛД, каде што учествуваат повеќе академици и научни работници од Македонија.
Истовремено, Олга Панкина ќе jа презентира книгата во Русиjа во рамките на Театарскиот фестивал во Долгопрудни. Посебна промоција ќе биде одржана на 4 ноември во Друштвото на писателите на Македонија.