Воената агресија на Русија врз Украина ни докажа дека мирот не може и не смее да се зема здраво за готово и дека меѓународниот поредок, независно од тоа што се темели на општоприфатени правила се соочува со сериозни предизвици. Случувањата последнава година се потсетување и предупредување дека не секој цели кон мир, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во денешното обраќање на безбедносниот форум што се одржува во Вашингтон, САД, на тема „Како да се спречи руската агресија врз Украина и штетното влијание на Кина во Европа“, во организација на конгресмените Роберт Адерхолт и Пит Сешнс.
Таа нагласи дека во моментов светот се соочува со најголемата безбедносна криза од крајот на Студената војна, а до сега се одбележува една година од почетокот на таа криза.
Вицепремиерката Грковска, стои во соопштението од владината прес-служба, информираше дека Македонија, но и другите земји од Западен Балкан се изложени на зголемено руско влијание, чија агенда е сосема спротивна од онаа на западноевропските земји.
– С.Македонија е одличен пример за земјите од регионот дека и тешко остварливите цели, како што е членството во НАТО, но и почеток на преговорите со Европската Унија се можни. Тоа бара упорност и стремеж кон вистинските цели, но и посветеност кон реформите, кои пред сè се неопходни за граѓаните дома – нагласи вицепремиерката Грковска.
Како што нагласи, за Македонија, но и за сите земји од регионот, најважно е континуирано да работат на економскиот напредок и развој, владеење на правото и обезбедување подобра иднина за младите, бидејќи на тој начин поефикасно ќе се справат со разните штетни политички влијанија.
– Вицепремиерката Грковска, порача дека треба да се избегнуваат двојните стандарди и дека земјите членки на НАТО и ЕУ треба да бидат пример за почитување на демократските вредности за сите држави во регионот, зошто само на таков начин ќе се овозможи земјите од регионот да се фокусираат на иднината, бидејќи тоа е гаранција за напредок и просперитет на целиот регион – соопшти владината прес-служба