Фото: Инстаграм / Егзит (Принтскрин)

Познатиот регионален фестивал „Егзит“ (EXIT) објави дека, во рамки на својата светска турнеја „EXIT Global Tour“, следната година ќе се одржи во повеќе земји, меѓу кои и Македонија. Според објавата на официјалниот Инстаграм профил на „Егзит“, првите дестинации за 2026 Exit Global Tour година се Египет, Индија, Малта, Хрватска, Македонија и Србија.

Со ова, се потврдуваат и претходните најави на организаторите дека во тек е реализацијата на плановите за голем фестивал во Скопје, како дел од семејството на „Егзит“ фестивали ширум светот.

– Започнати се плановите за реализација на фестивалот во Скопје. Големо ни е задоволството што добивме покана Скопје да стане дел од Егзитовото фестивалско семејство. Македонската публика е од првиот ден меѓу најверните на „Егзит“ и затоа сме подготвени, во партнерство со локални организации и музичари, веќе наредната година, да започнеме голем фестивал во Скопје – стоеше во претходната изјава на организаторите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by EXIT Festival (@exitfestival)

„Егзит“, кој потекнува од Нови Сад, е еден од најпризнатите музички фестивали во Европа и светот, познат по својата уникатна комбинација на музика, младинска енергија и општествена порака. Само во Србија, фестивалот досега генерирал над 300 милиони евра туристички прилив, а неговите изданија низ регионот се препознаваат по силниот економски и културен ефект.

Овој настан во јавноста беше првично најавен по средбата меѓу основачот на „Егзит“, Душан Ковачевиќ, и градоначалникот на Кисела Вода и актуелен кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по која беше првично најавено дека фестивалот ќе дојде во македонската престолнина.

Со денешната официјална објава на „Егзит“, се потврдуваат тие најави и се реализира ветувањето дека Скопје ќе стане дел од светската фестивалска мапа.