ЗАВРШИ СЕДМОТО ИЗДАНИЕ НА „ДЕМИРХИСАРСКО-СЛЕПЧЕНСКАТА ЛЕТНА ШКОЛА“
Во името на жителите на општината Демир Хисар, чувства на благодарност и јавно признание сподели градоначалникот Никола Најдовски, кој меѓу другото порача дека школата прерасна во голем републички бренд што го препознава најеминентната македонска академска јавност и од година на година пројавува и поттикнува сè поголем јавен интерес
Со инспиративното и последно предавање на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев на темата „Дали Георги е можеби име на Гоце Делчев“ беше затворена седмата традиционална „Демирхисарска летна школа 2024“. Предавањето го следеа сите учесници на школата, предводени од нивните ментори, градоначалникот Никола Најдовски, пратеникот во македонското собрание д-р Ѓорѓи Сајковски и претставници на советот на општината, раководители на јавни локални установи и претставници на политичкиот живот.
Школата поттикнува сè поголем јавен интерес
Во името на жителите на општината Демир Хисар, чувства на благодарност и јавно признание сподели градоначалникот Никола Најдовски, кој меѓу другото порача дека школата прерасна во голем републички бренд што го препознава најеминентната македонска академска јавност и од година на година пројавува и поттикнува сè поголем јавен интерес. Во знак на благодарност за целокупниот научен влог, посветеност и придонес во делот на научноистражувачката работа и организација на школата, градоначалникот Најдовски му врачи специјално признание на научниот раководител проф. д-р Сашо Цветковски, научен советник во ЦИКН „Цветан Грозданов“ при МАНУ и дописен член на МАНУ. Во завршницата на церемонијалното затворање на школата се обрати професорот Цветковски, кој на сите учесници им врачи пригодни признанија и дипломи за учество.
– Му се восхитувам на домаќинот и организатор на оваа научноистражувачка и едукативна манифестација, Општина Демир Хисар, која, иако мала по број на жители, поддржува и одржува ваква манифестација на која можат да ѝ позавидат и да научат многу поголемите и побогати општински центри во нашава земја – рече еден од студентите од Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје, предводени од продеканот проф. д-р Виктор Недески.
Едукативна посета на четири антички града
Секцијата за археологија при „Демирхисарската летна школа 2024“ ги посети археолошките локалитети Градиште, селото Граиште (антички град во областа Девриоп), Чука Бакарно Гумно, селото Чепигово (претпоставен антички град Евриоп) и Бедем, селото Чепигово (антички град Стибера). Во рамките на акрополата на градот Брианиј беше одржан едукативен час во кој учесниците беа запознаени со основните карактеристики на егзистенцијата.
Потоа беше посетена и црквата „Св. Богородица“ во селото Бела Црква, неколку километри источно од селото Бучин. Во градбата на оваа црква биле употребени сполии, главно архитектонски мермерни и камени елементи од една античка некропола, надгробните стели, потоа постаменти, ранохристијански јонски импост капител, делови од две плутеи – олтарни плочи со релјефни претстави на ранохристијански крстови со проширени краци. Однадвор на оградата околу црквата лежат масивни делови од колони од антички храм и ранохристијанска базилика. Се смета дека овие камени елементи биле довлечкани во селото Бела Црква (името на селото произлегло од црквата „Св. Богородица“, која била изградена со бели надгробни стели од раноримскиот царски период и други камени елементи), од некрополата на античкиот град Алкомена, кај соседното село Бучин.
Во продолжение на денот беше посетен градскиот жртвеник хестија булаја во југоисточното подножје на Чука Бакарно Гумно, Чепигово. Потоа беше посетен таканаречениот мермерен град Стибера, нарекуван и Македонска Помпеја. Потоа м-р Оливера Јандреска одржа едукативно претставување и интерпретирање на храмот донација на благородничкото семејство на Антестија Фуска во вториот век н.е. На крајот на сесијата беше констатирано дека Рим по освојувањето на овие подрачја најмногу го форсирал градот Стибера. Поради неговата идеална местоположба на трасата на магистралниот т.н. Дијагонален пат од Хераклеја Линкестис преку Стибера, Керамија, Варош, Еурист Градиште, селото Дреново, за Стоби. На ова место се приклучувал и Еригонскиот пат од рудоносните подрачја на Демир Хисар.
Посетени Цер и почивалиштето на Јордан Пиперката во Цреша
На последниот ден од извршувањето на теренските едукативно-научно работилници, секцијата по историја првично беше во посета на селото Цер. Ова село претставува завршна етапа од животот на славниот војвода Христо Узунов, а наедно и негово почивалиште. Кај неговите мошти и моштите на дванаесетте други комити, во црквата „Св. Атанасиј“ беше одржано кратко предавање на тема за неговиот живот и дело од страна на студентот Петар Симоноски. Понатаму учесниците го посетија и селото Велмевци, каде што по кратко пешачење до местото Цреша беше посетено почивалиштето на често опеваниот војвода Јордан Пиперката. И тука накратко се разговараше за дејствувањето на војводата во Демирхисарскиот Регион. Д.Ст.
Студентите слушаа за предавање за манастирскиот комплекс посветен на Св. Јован Претеча
Во четвртиот работен ден студентите од секцијата Историја на уметност и од секцијата Теологија го посетија селото Слепче. Во селото Слепче го посетија манастирскиот комплекс посветен на Св. Јован Претеча, кој е основан околу 14 век, а обновен во првата половина на 16 век. Втората обнова на манастирската црква „Св. Јован Претеча“ (Продром) била во 1862 година.
Студентите имаа можност да го слушнат предавањето на проф. д-р Сашо Цветковски за фрескоансамблот во храмот и историјата за неговата изградба.
Во непосредна близина на манастирскиот комплекс студентите имаа можност да го посетат и еднокорабниот храм со две дедикации, Св. Јован Богослов/Св. Никола Мирликиски, изграден и живописан во периодот помеѓу 1617 и 1627 година, каде што проф. д-р Виктор Недески им одржа предавање на студентите. Раководителите и студентите потоа го посетија храмот „Св. Никола Мирликиски“, изграден во 19 век. Проф. д-р Сашо Цветковски на студентите им одржа кратко предавање за архитектурата и живописот на храмот. Д.Ст.