Инспекцискиот надзор во Клиничката болница Штип за починатиот пациент од Берово сè уште е во тек, а дополнително ќе се извршат и вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи каде пациентот побарал лекарска помош, информираат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
– Инспекцискиот надзор во клиничката болница е сè уште во тек. Дополнително ќе се извршат и вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи каде пациентот побарал лекарска помош и тоа: матичен лекар, матичен стоматолог, итна медицинска помош Берово и ЈЗУ ТОАРИЛУЦ-ОЕ за анестезија, реанимација и интензивно лекување – Скопје при што ќе биде обезбедена медицинската документација поврзана со лекувањето на пациентот – се вели во соопштението.
По завршувањето на инспекцискиот надзор од ДСЗИ велат дека ќе биде изготвена комплетна информација за констатирана фактичка состојба. Од страна на ДСЗИ, исто така ќе се иницира и формирање на комисија за стручен надзор до Министерот за здравство.
Во текот на вчерашниот ден од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршен е вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ КБ Штип по допрен глас за настанат смртен исход кај пациентот Ј.Д. од Берово по извршена хируршка интервенција на заб.