Фото: МИА

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кажа дека нема да ја поддржат реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство. Трајанов посочи дека ќе ги поддржуваат само проектите за имплементација на европските стандарди, а со цел влез на Македонија во ЕУ. Тој беше дециден: „Нашите ставови не се совпаѓаат со ставовите на владејачката партија. Нема логика за опстојување, ако постојано ги прифаќате, условно кажано, стаовивте на постариот брат“

-Ниту една од програмските определби не се имплементирани. Имавме договор за Македонија да биде една изборна единица, во оваа насока имаше и закон кој помина на собраниските комисии, меѓутоа е блокиран бидејќи претседателот Талат Џафери не ја закажува седницата на која треба да се расправа за законските промени. Тоа беше една од најглавните определби. Понатаму, бевме за тоа да има реформи во судскиот систем и во оваа насока имавме закон за преиспитување на факти и докази користени во судски постапки, а сега е блокиран и не се расправа за него. Третата работа е борбата против корупцијата – баравме неселективна борба и во таа насока имаме проект кој предвидува формирање агенција за борење против висока корупција, но немаме поддршка – рече пратеникот Павле Трајанов.

Претходно, Алијанса за Албанците договори влез во Владата, додека, Алтернатива излезе од Владата. Трајанов е втор кој ја напушта коалицијата. Со ова, Владата има поддршка од нови осум пратеници, а осум пратеници вклучувајќи ги и оние од т.н. „огнена група“ беа јасни дека нема да ја поддржуваат.