Доктор Марјан Шокаровски е назначен за нов директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, а за нов организациски директор е назначен Исак Јакупи, соопшти Министерството за здравство.
Во известувањето Министерството наведува дека д-р Шокаровски е дел од тимот на клиниката од нејзиното основање. Тој е супспецијалист по кардиохирургија, завршена во Универзитетски клинички болнички центар – Загреб, има повеќегодишно хируршко и академско искуство во оваа област, раководител е на оперативниот блок, ангажиран е и како асистент на Медицинскиот факултет-Скопје.
-Тој е дел од тимот на досега извршените трансплантации на срце во нашата држава, вклучен и во иновативните хируршки интервенции на срце со минимален инвазивен пристап. Исто така, се едуцирал во повеќе земји, како Германија, Австрија, Англија, Франција, Бугарија, Србија и присустувал на голем број меѓународни конгреси – информира Министерството за здравство.
Назначувањето на Шокаровски следува по разрешувањето на досегашниот директор на оваа клиника, д-р Сашко Јовев, по одлука на министерот за здравство Фатмир Меџити.