Психотерапијата е одлична поддршка за сите. Посебно затоа што имате можност неутрална личност која е професионална и непристрасна, а во исто време не осудува, критикува, суди, убедува, расудува, се гади или ќе ја шири приказната наоколу – да ѝ кажете сè што ве мачи, ве оптоварува, предизвикува сомнежи или создава некаков вид немир
Обврските и проблемите на личен и професионален план можат да предизвикаат непријатност, стрес и на крајот – здравствени проблеми. Понекогаш се случува, без оглед на нашите обиди да се опуштиме, сепак да се чувствуваме фрустрирано и немоќно. Колку долго можеме да ја издржиме таа состојба? Кога работите изгледаат прилично лошо, тоа е сигурен знак дека ни треба совет од психолог. Во нашиот регион сè уште постои мислење дека луѓето што бараат помош во оваа форма се слаби, неспособни и малку мрзеливи. Дали е тоа навистина точно? Во развиените земји е сосема нормално да се оди на психотерапија, па дури и пожелно – толку пожелно што стана тренд. Кај нас посетата на психолог или психијатар уште е придружена со одредена стигма, но психолозите се радуваат на позитивните промени во овој поглед, изразени по ковид-пандемијата.
Колку во Македонија се знае за што служи психотерапијата и за кого е наменета? Дали психотерапијата е неопходност или мода? Која е разликата помеѓу психијатар и психотерапевт и на кого да се обратиме кога имаме проблем? Ова се само дел од прашањата што се поврзуваат со психотерапијата.
– Психотерапијата е процес на поврзување со себе. Тоа е процес во кој ги наоѓаме сопствени саботирачки шеми на однесување, стануваме свесни за нив и почнуваме да ги менуваме. Преку психотерапијата ја откриваме можноста дека повеќе не мораме да ги следиме овие модели, туку можеме, преку терапевтски техники, да ги заобиколиме и да тргнеме по патот на нови, поефективни обрасци на однесување, кои ќе нѐ доведат до повисок квалитет на живот и подобри одлуки – вели психологот Адмир Косоврасти.
Психотерапијата не спаѓа во доменот на алтернативна медицина, туку е наука што се развивала на универзитетите, во здравствените институции и во посебни центри од страна на традиционално обучени професионалци што ги следеле нејзините ефекти, ги проучувале, ја развивале во склад со актуелните научни стандарди.
– Во психотерапија, психотерапевтите користат научно-засновани процедури за да им помогнат на луѓето да ги решат своите проблеми и да развиваат адекватни обрасци на однесување и ефективни навики – додава Косоврасти.
Тој потенцира дека психотерапијата претставува третман што се засновува на односот помеѓу терапевтот и клиентот. Кога сте во еден таков „сетинг“ тогаш се наоѓате во поддржувачко опкружение каде што можете отворено да зборувате со некој што е објективен и не ве осудува, туку ви помага да согледате многу процеси и да стане експлицитно сѐ она што е имплицитно, ви троши сила и енергија, а не сте свесни од каде потекнува.
– Ниту еден терапевт не нуди готови решенија за проблеми, туку кога клиентот зборувајќи за својот живот и непријатноста што ја доживува и го притиска, терапевтот проценува и заедно со клиентот ги идентификуваат потребите и проблемите и заедно работат упоребувајќи низа техники што водат кон промена на неговите мисли, чувства и однесување – истакнува Косоврасти и додава дека потребна е активна работа на двете страни за да се оствари заедничката цел.
– Доколку е во мода да си здрав, тогаш дефинитивно психотерапијата е модна писта – вели психологот.
Психотерапијата е одлична поддршка за сите. Посебно затоа што имате можност неутрална личност која е професионална и непристрасна, а во исто време не осудува, критикува, суди, убедува, расудува, се гади или ја шири приказната наоколу – да ѝ кажете сè што ве мачи, ве оптоварува, предизвикува сомнежи или создава некаков вид немир. Токму затоа психологот е врвната форма на лек за нашиот внатрешен свет.
– Психотерапијата е збир на постапки што помагаат на индивидуата или групата подлабоко да ги разберат сопствените психолошки потешкотии и низ работа со нив подобро да се запознаат себеси и да стекнат вештини што ќе влијаат на своето размислување што резултира со личен развој и подобро секојдневно функционирање. Корисна е за поширок дијапазон проблеми како што се односите со другите, полесни или средно тешки психолошки пореметувања, разбирање на сопствените емоции, стравови, проблеми за зависности, но сѐ почесто ја користат и потполно здрави психички индивидуи за да имаат поквалитетен животен перформанс и личен раст и развој – истакнува Косоврасти.
Последниве години во земјава се бележи зголемен интерес за студирање психологија. Годинава има околу 100 нови бруцоши. Дали психологијата станува нов образовен светски тренд?
– Несомнено е дека потребата за студирање на психологија и општо за работници на полето на менталното здравје е во пораст, затоа што потребата од нив е сѐ поголема, а и популацијата полесно ја прифаќа таа помош, за разлика од земјите во ЕУ, каде од многу поодамна фунционира овој вид сервис. И во нашата земја почнува да се намалува стигматизацијата, особено од периодот после ковид-кризата. Тука ја гледам причината психологијата, психотерапијата и психијатријата да стануваат трендовски, а не модерни професии – констатира психологот.
Косоврасти апелира дека менталното здравје е еднакво важно како и соматското, а како главна причина за посета на психолог ја истакнува душевната болка.
– Луѓето најчесто бараат помош кога ги боли душата. Нејзината болка е тивка, а разорна, затоа што таа знае да боли во тишина. Да постои, а да не ја гледаме, да е присутна, а да не ја забележуваме – истакнува Косоврасти.
Тој советува дека доколку чувствувате потреба за психолошка поддршка и не сте сигурни дали советувањето или психотерапијата повеќе ви одговараат, контактирањето со некој од професионалците за ментално здравје е веќе одличен и храбар почеток.
– Со влегувањето во овој процес, секогаш можете да побарате професионално мислење, но и сами да почувствувате дали сегашната терапевтска врска е пријатна и корисна за вас или повеќе би ви одговарал поинаков пристап во решавањето на вашите проблеми -додава Косоврасти.