Доаѓаме до некакви заеднички ставови, изјави Јакин Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) по денешната рунда преговори со медијатор за платите во училиштата и градинките. Во недела истекува десетдневниот рок предвиден за крај на преговорите со вклучен медијатор, поради што штрајкот во училиштата и градинките беше ставен во мирување.
– Повторно тука има нијанси на размислување за дополнително зголемување на процентот од 12% меѓутоа кога и за колку, тоа се детали кои сè уште ги утврдуваме, а за жал ниту министерот не може да излезе официјално со став бидејќи сè уште ги нема точните информации од Министерството за финансии – изјави Неделков.
Дефинитивни заклучоци може да има најрано во недела. Постои законска можност за активирање на дополнителен период од десет дена за да се дојде до подобро решение, прифатливо за двете страни во спорот.
Според него, преговорите може сериозно да бидат нарушени доколку на вработените не им бидат исплатени дневници за деновите кога штрајкувале.
-Доставивме барање или иницијатива до МОН за исплата на дневници врз основа на колективен договор. Имаме основ за тоа и скоро сме сигурни дека ќе бидат исплатени во дејноста образование. За жал, имаме проблем во труд и социјална политика, што може да биде сериозен проблем за нарушување на процесот на преговори, додаде Неделков.
На 28 април СОНК соопшти дека штрајкот, кој почна на 11 април, ќе го стави во мирување и наставата ќе продолжи, откако добил известување од Министерството за труд и социјална политика за законска одредба за мирно решавање на спорот со медијација.
– Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување сè додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде – рече Неделков минатиот четврток.
Дека има позитивни сигнали во преговорите потврди и министерката за труд и социјала, Јованка Тренчевска.
Тренчевска: Има придвижување во преговорите меѓу СОНК и МОН и можност за скоро решение