Фото: ДКСК

Надзорот во спроведувањето на законите не е системски уреден, а тоа во пракса доведува до неефикасно спроведување на законите. Неопходно е да се ревидира организацијата и функционирањето на инспекциските служби, како и на останатите видови надзор, контрола и супервизија за да се гарантира доследно спроведување на законите, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Како што беше речено на денешната 90. седница на ДКСК, инспекцискиот надзор е најважниот механизам за контрола на спроведувањето на законите, но во некои закони, покрај инспекцискиот надзор се предвидуваат и други видови надзори, контроли, ревизии и супервизии кои не се јасно и прецизно уредени.

Поради ова, но и поради други недоследости на кои беше укажано, ДКСК во рамки на седницата донесе Одлука за изменување и дополнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Еден од новите сектори (области) кои се предлагаат во Стратегијата, е токму „Надзор на спроведување на законите“.

-Инспекцискиот надзор е најважниот механизам за контрола на спроведување на законите, но во некои закони, покрај инспекцискиот надзор се предвидуваат и други видови надзори, контроли, ревизии и супервизии кои не се јасно и прецизно уредени. Сетоа ова доведува до недоволен надзор во практиката, а со тоа и до неефикасно спроведување на законите. Неопходно е да се ревидира организацијата и функционирањето на инспекциските служби, како и на останатите видови надзор, контрола и супервизија за да се гарантира доследно спроведување на законите. Истовремено, од суштинско значење е да се зајакнат и кадровските и техничките капацитети на инспекциските служби, зашто во моментов, дури и во оние области каде има по две различни инспекциски служби, на централно и на локално ниво, сепак во практиката отсуствува суштински и системски инспекцики надзор зашто ниту една од овие служби немаа доволен капацитет – истакна членот на ДКСК и координатор при изготвувањето на Стратегијата, Владимир Георгиев.

Според него, во секторот „Надзор на спроведување на законите“ се утврдени три приоритетни проблеми кои генерираат ризици од корупција во оваа област за чие надминување се предвидени три мерки и 10 активности.

Втората нова област која ДКСК предлага да се опфати посебно во Националната стратегија, е „Имот во државна сопственост“.

-Заради превенција на корупцијата која е особено изразена при управувањето и располагањето со имотот во државна сопственост, од исклучително значење е да се воспостави транспарентен систем на користење, управување и располагање со имотот во државна сопственост, а за таа цел, итно мора да се воспостави уредна евиденција на овој имот која ќе биде јавно достапна и која ќе овозможи јавно да се следи секоја промена во имотот на државната сопственост – објасни Георгиев.

Во овој сектор, дополни, утврдени се два прироитетни проблема кои генерираат ризици од корупција за чие надминување се предвидени две мерки и осум активности.

Како што информира Георгиев, со Одлуката, освен што би се вовеле овие две нови области, во Стратегијата би се измениле и дел од постојните активности, но и би се додале вкупно 102 нови активности кои ги вклучуваат и 18-те активности од двете нови области – „Надзор на спроведување на законите“ и „Имот во државна сопственост“.

Најмногу од новите активности се додадени во областа „Јавни набавки“, како и во секторите „Урбанизам и просторно планирање“ и „Животна средина“, за кои ДКСК утврди дека е потребно да се зајакнат со дополнителни мерки.

Георгиев претходно, образложувајќи ја потребата од изменување и дополнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, рече дека во 2021 година, од вкупно предвидените 111 активности целосно се реализирани 22 или 20 отсто, во тек на спроведување биле 27 проценти, а 53 отсто од активностите воопшто не почнале да се реализираат. Во 2022 година, пак, од вкупно 165 планирани активности во кои биле опфатени и нереализираните од 2021 година, спроведени се само 17 или 10 отсто, нереализирани се 55 отсто, додека во тек на имплементација биле 35 проценти.

ДКСК ја донесе Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 ДКСК на 10 декември 2020 година, а Собранието ја усвои, како што посочи Георгиев, со одредено задоцнување, на 18 април 2021 година.

ДКСК изготвува годишни извештаи за спроведување на Стратегијата и секоја година до 31 март ги доставува до Парламентот.

На денешната седница која се одвива преку зум платформата, ДКСК ја избра Софка Пејовска Дојчиновска за нов заменик-претседател, а постапува и по конкретни предмети, како и по предмети оформени по пријави од укажувачи согласно Законот за заштита на укажувачите.