Машини за чукање, дрвена кутија со огледало и прибор за бричење, ѕиден часовник, старо радио и свеќници, се само мал дел од стоте предмети што се оставени во Музејот на македонската борба за самостојност
Три генерации низ четири државни системи на иста географска точка
Семејна историја што се простира низ четири државни системи во временски интервал од 200 години може да се погледне во Музејот на македонската борба за самостојност. Предмети, фотографии, но и лични документи на семејството Шабан, им се достапни на пошироката јавност.
„Од семејно кон институционално културно наследство – семејство Шабан“ е насловена оваа интересна изложба. Музејските предмети класифицирани во категориите лични, домашни покуќнински и метални предмети, нѐ носат низ спомените на три генерации, претставници на семејството Шабан. Нивната семејна историја се простира низ четири државни системи на една иста територија и го прикажува придонесот на носителите на презимето Шабан кон професионалниот, политичкиот и социјалниот живот на овие простори. Експонатите се подарок од Џанѓул Шабан.
Раскажете ни кое е семејството Шабан. Раскажете ни за вашиот дедо, татко, а и за вас…
– Можам да си дозволам да кажам само до петтото колено, од 1798 година, па до денес. Семејството Шабан живее и делува овде на овие простори, на една иста географска точка, низ четири државни системи, Османлиската Империја, Кралството Југославија, Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Република Северна Македонија. Прапрадедо ми, Шабан Болукбаш’ (роден во 1798-та), бил командант во служба на Отоманската Империја, одговорен за безбедноста на тврдината кај Демиркаписката Клисура покрај реката Вардар, каде трговците што патувале во конвој на камили од Азија кон Европа застанувале овде за да преноќат. Од него, семејството го добива презимето Шабан. Неговиот син, пак, прадедо ми Халил Шабан (роден во 1848-та) бил службеник во отоманската администрација, на преминот на Демиркаписката Клисура, одговорен за контрола на робата што се транспортирала на реката Вардар, од Скопје до Солун, до Егејското Море. Од него имаме службен печат (мур), кој денес се наоѓа во Музејот на македонската борба за самостојност.
Неговиот син, дедо ми Мустафа Шабан (роден 1883-та) го започнал својот работен век во Отоманската Империја, најпрво како млад учител во селото Удово, во близината на Валандово, а подоцна по повлекувањето на империјата, во новиот државен систем на Кралската Југославија, станал успешен трговец што тргувал од Солун до Загреб. Тој бил многу педантен човек и грижливо ги чувал сите лични документи, белешки, слики, а и самиот пишувал дневници. Така дознав дека животното мото, кое татко ми мене ми го пренесе, всушност било пренесено од неговиот татко, а тоа е: Ayağını sıcak tut, başını serin, kendine biriş bul, düşünme derin; што би значело: Чувај ги нозете на топло, главата под ладовина, работи си ја работата и не мисли понатака. Со тоа мото Мустафа Шабан, како виден граѓанин и човек со значајни деловни врски, бил назначен за претседател на Дојранската каза, пределот на Валандово, Струмица, Гевгелија и Дојран, и селата во тој регион. За успешно раководење со територијата тој бил одликуван со ордени за заслуги од кралот Александар Караѓорѓевиќ (орденот „Св. Сава“ и орденот „Југословенска круна“), кои исто така денес се изложени во Музејот во Скопје. Со започнување на Втората светска војна, со воспоставување на новата држава на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, поради поседување голем имот и како поранешен службеник во администрацијата на Кралска Југославија, Мустафа Шабан со своето семејство биле интернирани во Скопје, само со личните предмети, облеката и неколку предмети од домаќинството; останатиот подвижен имот исчезнал, а неподвижниот имот се национализирал. Тогаш татко ми Халид (роден 1928-та) имал само тринаесет години. И како што се вели: Her şerde bir hayır var; што би значело: Во секое зло има и нешто добро. Тоа што татко ми се школувал за време на војна, во исклучително нестабилно време, кога семејството се разорило и имало недостаток на средства, храна, облека и слично, а поради својата природната дарба за учење јазици и упорност, тој дополнително на мајчиниот турски јазик, покрај македонскиот, се школувал и на српско-хрватски, руски, бугарски и германски, а за време на служење на воениот рок во Љубљана научил и словенечки. Ова понатаму многу му помогнало кога сакал да се надградува во својата професија, хирургијата, и бил во можност да се служи со литература на сите овие јазици и стручно да се усовршува во Словенија и во Германија.
Татко ми, доктор Халид Шабан почина пред дваесет години, но со помош на неговите пациенти, кои и ден денес го носат неговиот спомен во своите срца, како самиот да помогна да се случи оваа изложба. Имено, Милица Пешевска Николовска, кустос-советник, а едновремено и од семејството на еден негов пациент, нѐ спои со директорката Даниела Николова и Елизабета Марковска, кустос, кои заедно со работниот тим во овој Музеј проценија дека сѐ што важмо чувале татковците во ова семејство двесте години, а и ние, нивни деца, заедно со мајка ми Исмије Шабан, имаат историско значење и музејска вредност.
„Од семејно кон институционално културно наследство – семејство Шабан“ е насловена изложбата во Музејот на македонската борба за независност. Колку е важно човек да биде свесен за да може личното богатство да го сподели и со тоа да остане наследство за светот?
– Хипократовата заклетва за татко ми не беше нешто што тој го научил со завршување на медицинскиот факултет. Таа заклетва беше вградена во неговото битие. Тоа беше неговата мисија, а признанието што го добиваше од своите пациенти за возврат, беше најголемата награда за него. Признание доби и од претседателот Тито, на свои триесетиет години, со указ и орден за големата пожртвуваност што ја покажал при спасувањето и санирањето на повредените во големиот земјотрес во Скопје во 1963 година. Тоа утро, на Илинденска 18 (денес тоа е во дворот на зградата на Владата) биле мајка ми Исмије (21 година) и дедо ми Мустафа (80 години), а татко ми бил на дежурство во Градската болница. Во 5.17 минути наутро, дедо ми, кој веќе го преживеал валандовскиот земјотрес во 1931 година, присебен, ја фатил мајка ми за рака и заедно ги прерипале скалите пред влезната врата, го прегрнале најблиското дрво од двете страни и чекале. Татко ми, трчајќи дошол, само рекол „Добри сте, живи сте“ и се вратил во болницата. Со денови потоа не го виделе. Овој указ и орденот се изложени во составот на постојаната поставка во музејот.
Признание доби и кога од страна на неговите сограѓани беше предложен и поддржан во кандидатурата за прв претседател на независна Македонија во 1994 година. Знаејќи дека хирургијата ја сметаше за свој занает, и никогаш немаше желба да се вклучи во каква било бирократска работа, не го разбирав поради која причина се согласил на оваа кандидатура. Кога го запрашав, ми одговори: „Кога луѓето ќе ја дадат својата доверба за да ги претставуваш, должен си со сѐ што знаеш и умееш да се заложиш да оставиш трага во општеството за сите оние што го дале својот глас за тебе“. Така денес, во официјалните записи во архивите на Република Северна Македонија стои дека Халид Шабан е еден од четирите кандидати за прв претседател на републиката заедно со Киро Глигоров, Љубиша Ѓеорѓиевски и Ѓорѓија Атанасовски.
Како семејство на човек со висока свесност за општествена одговорност како што беше татко ми, со неограничена емпатија кон сите живи битија, со несебична пожртвуваност кон другиот без да мисли за сопственото здравје и добробит, природно е да ја носиме истата свесност и да сме горди на своите корени. Верувам дека тој ќе беше многу среќен да можеше да го доживее овој ден, да ги види сите признанија што ги примил и признанијата што ги примиле неговите предци, изложени во Музејот на македонската борба за независност.
Какви предмети и што сѐ подаривте на музејот? Има ли некои предмети од кои ви беше посебно тешко да се оделите и зошто?
– Кој предмет да го спомнам попрво. Подаривме речиси сто предмети и околу двестотини книги стручна литература, и сите ни се драги: Ударничката кошула од татко ми што ја добил кога учествувал на работните акции за изградбата на автопатот „Братство-Единство“ од Словенија до Македонија, кога се градела новата држава на СФРЈ; Неговата гитара и усната хармоника од млади денови; Дрвената кутија со огледало со приборот за бричење и часовникот, кои ги користел кога бил на служење на воениот рок во Словенија; Механичките машини за чукање чиј звук како дете постојано го слушав длабоко во ноќите кога татко ми работеше; Металното ѕвонче што стоело на работната маса од дедо ми со кое тој го повикувал помошниот персонал; Стариот ѕиден часовник, старото радио и свеќници од дедо ми; Лични документи, свидетелства, патни документи, здравствени книшки, поштенски жетони, фотографии.. Коранот, кој верувам дека го одржал дедо ми духовно да остане здрав и присебен кога му било одземено сѐ што создал во животот по Втората светска војна.
Внимателно ги сочувавме сите предмети, неоштетени до ден денеска и со сета доверба ги предадовме да бидат згрижени во Музејот на македонската борба за независност. Се разбира дека почувствував како да се откина дел од мене кога екипата од Музејот дојдоа да ги однесат. Но, длабоко во себе верувам дека тоа беше нашата мисија, да ги изнесеме на виделина и да им оддадеме достојна почит и на предметите и на животните приказни на овие силни личности, кои не само што ги преживеале премрежињата во регионот во времето кога живееле и делувале, туку исто така се истакнале со својот интегритет и чесното работење. Не само во Музејот на македонската борба за независност, од приватната библиотека на семејството подаривме книги во библиотеката на гимназијата „Никола Карев“ и во библиотеката „Браќа Миладиновци“, додека камерите и проекторите од татко ми ги подаривме во „Кинотеката на Македонија“.
Подготовките за поставката во Музејот траеја речиси една година. Податоците што ги дадовме во работна верзија се преточија во професионално осмислени музејски текстови. Засега се изложени само педесетина предмети. Директорката Даниела Николова ја креира политиката на Музејот и динамично работи на развивање нови проекти. Верувам дека ќе има начин да се створат услови за да се изложат и останатите предмети во скоро време.
Како сте задоволни од тоа како мина отворањето на изложбата?
– Градскиот мешан хор „Вардар“ на почетокот на церемонијата ја даде воведната ‘ударна нота’. Интересно е што во овој хор јас порано членував, а сегашниот претседател на овој хор е д-р Глигор Џолев, колега на татко ми. Нема ништо случајно во животот. Ние само така мислиме. Потоа во изложбениот простор, ученици од ОУ „Тефејјуз“ каде мајка ми Исмије Шабан го одработи својот работен век како наставник и како директор, настапија со своја нумера.
Еланур Емин свиреше на инструментот ут, додека Ибрахим Ибрахим изрецитира песна од истакнатиот поет Шукри Рамо (“Üsküp’e Selâm“, прев. Поздрав до Скопје), а Нехир Ибош со стихови од Авни Енгуллу (“Bir Dilekle Düşünmek“, прев. Замисли желба). Музикологот и професор по музика, а едновремено и ученик на мајка ми, Џенгиз Ибрахим го исполни просторот со звуците на инструментот канун, со авторски дела на „сарајска музика“.
Господинот Ѓунер Исмаил, поранешен министер за култура, а истовремено и семеен пријател, официјално ја отвори изложбата. За цело време, во позадина одеше снимка од стар прилог од едно телевизиско интервју со татко ми. Верувам дека сите гости, исто како и ние, беа многу задоволни што заедно споделивме убави спомени за нивниот и наш ценет и сакан авторитет, доктор Халид Шабан и за неговите предци.