Техничкиот премиер Талат Џафери, во обраќањето на првата, конститутивна, седница на новоизбраната Влада порача дека нивна клучна задача ќе биде организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура.
Џафери ги соопшти очекувањата од работата на новата Владата во делот на организацијата и спроведувањето на претстојните избори и за реализацијата на тековните обврски на Владата, во интерес на граѓаните, соопшти владината прес-служба.
– Пред нас е една клучна задача, подготовка и организирање слободни, фер и демократски редовни избори во отворена и законита процедура. Во таа наша задача, имаме обврска да соработуваме и со Собранието и со Државната изборна комисија и со Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, но и со Европската Унија и САД како наш стратешки партнер, со цел да обезбедиме највисоки европски стандарди во процесот во изборната кампања и на самите избори, со целосен фокус на создавање услови, во коишто граѓаните, на изборите, јасно ќе ја изразат својата волја – рече Џафери.
Додаде дека ќе обезбедат и редовно функционирање на институцијата, соработка и инклузивност во работата и од оваа Влада, кажа, очекува ефикасност и да е во функција на интересите на граѓаните, а притоа да е транспарентна и отчетна.
– Очекувам дека сите членови на Владата ќе го вложат целото свое знаење и искуство и посветено ќе работат во интерес на граѓаните и дека сите предизвици пред нас ќе ги надминеме заедно, отворено и професионално – порача Џафери, стои во соопштението на владината прес-служба.