Претседателот на Собранието, Македонија Талат Џафери на денешната средба со министерот за правда на Албанија, Улси Мања, ги потенцираше досегашните одлични билатерални односи меѓу двете земји, со констатација дека нè врзува заемно и искрено пријателство и соработка кое има тенденција во наредниот период уште повеќе да се зајакнува во рамките на ЕУ-интеграциите, соопшти Кабинетот на Џафери.
Претседателот на Парламентот истакна дека очекува до јуни оваа година да има и некоја позитивна разврска на заедничките аспирации на двете земји за започнување на преговорите со Европската Унија.
– Со гостинот заемно констатираа дека двете земји ја следат заедничката и усогласена политика на НАТО и ЕУ и ја осудуваат руската воена агресија врз Украина со заеднички апел за смирување на ситуацијата и прекин на воените дејствија, а сè со цел да се дојде до мирно решавање по дипломатски пат и да се избегнат големите материјални штети и несакани жртви. Министерот Мања изрази задоволство и благодарност за средбата со претседателот на Собранието Џафери и искажа висока почит за неговата улога во градењето релаксирана политичка клима, како во Собранието, така и во државата. Изрази уверување дека пријателските односи меѓу двете соседни земји ќе продолжат да се развиваат и во наредните години, се наведува во соопштението.
Поводот за престој на министерот за правда на Албанија во земјава е конференција на министрите од земјите на Западен Балкан со фокус на борбата против корупцијата.
– Министерот Мања изрази надеж дека и на овој план, земјите од регионот ќе покажат добри резултати. Исто така, албанскиот министер се приклучи на констатацијата на претседателот Џафери дека до јуни навистина ќе има некој позитивен исход во контекст на аспирациите за членство во ЕУ и дека ќе се надминат блокадите, што ќе биде исклучително значајно за двете земји. На крајот и двајцата соговорници се согласија дека интензивната политичка соработка ќе продолжи и во наредниот период, со проширување на секое поле од заемен интерес – информира Кабинетот на претседателот на Собранието Џафери.