Претседателот на Собранието Талат Џафери, заокружувајќи го својот втор мандат како претседател на законодавниот дом, денеска оствари протокалорна средба со амбасадорите на земјите-членки резидентни во земјава, замениците-амбасадори на САД, Обединетото Кралство и делегацијата на ЕУ во Скопје, на која беше поделен и презентиран мандатниот извештај за неговата работа во Собранието, но и на меѓународен план, соопшти собраниската прес-служба.
Оваа средба, која е во ист формат како и на самиот почеток на неговиот прв мандат како претседател на Собранието, на 12 мај 2017 година, е во насока на продолжување со транспарентноста и отчетноста и на неа ги презентираше плановите за идното функционирање на законодавниот дом. Џафери, како што се наведува во соопштението, накратко се осврна на постигнатите цели, оставајќи простор низ спонтана дискусија, амбасадорите да споделат свои видувања за работата на Собранието под негово водство. Тие воедно се интересираа за следните активности во пресрет на изборот на техничката Влада, за што Џафери ги информира за уставните рокови и деловничката процедура, како за изборот на нов претседател на Собранието, така и за изборот на техничката Влада, за распишувањето на претседателските и парламентарните избори и последователно, сите останати дејствија.
– Средбата претставуваше убава можност низ заеднички разговор да се споделат видувањата за работата на Собранието во изминатите два собраниски мандати. На средбата беа присутни и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова и претставници од Кабинетот на претседателот и Службата на Собранието – стои во соопштението од Секторот за односи со јавноста на законодавниот дом.