Фото: Нова Македонија

Позитивно е тоа што ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме, вели поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров за „Катимерини“ и паралелно истакнува дека по Преспа граѓните се чувствуваат изневерени, бидејќи по неуспехот ЕУ да го одржи ветувањето и да започне пристапни разговори со земјава, штафетата со ветото ја презеде Бугарија, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за неделното издание на весникот, поранешниот шеф на дипломатијата говори и за актуелната ситуација во билатералните односи со Грција, и вели дека за првпат откако се реши прашањето со името и во Скопје и во Атина на власт се партиите кои беа против Договорот од Преспа, но и објаснува дека во неговата политичка кариера научил „целосно да ги разбира грижите и чувствителностите и на двете страни“.

– Импресивно е колку малку се свесни и во Грција и во Северна Македонија за тоа колку беше тежок компромисот за другата страна. Секоја страна ги признава само своите отстапки. Позитивно е тоа што ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме. Двете страни ги уживаат плодовите на договорот, а во исто време ги обвинуваат нивните претходници за слабостите што се констатираат. Сепак, долгорочно, мостот без грижа и одржување може да се оштети. Клучната состојка овде ќе биде одговорно раководство за да ги донесе поблиску двете реалности – вели Димитров.

Ги објаснува трите начини за решавање на споровите, согласно предвиденото во Договорот од Преспа и посочува дека во овој момент потребен е првиот, односно преговори, средби, отворено разменување мислења, добра волја, комуникација зад затворени врати, а не преку јавни изјави.

Сепак, вели дека и покрај „недостатоците во спроведувањето на Договорот и од двете страни, компромисот функционира“ и изразува оптимизам дека „компромисот ќе го издржи и актуелниот политички предизвик“.

За тоа дали новата Влада ќе може да се движи во правилна насока и да има напредок во интеграцијата во ЕУ, вели дека ќе зависи од три фактори.

– Прво од нејзината способноста успешно да плови во бурните балкански води зафатени од билатерални спорови. Одговорност што се дели со нашите соседи од ЕУ, кои реално, освен Северна Македонија и тие можат да добијат од нејзиниот европски успех. Второ, управувањето и реформите во внатрешноста на земјата, каде што народот е жеден за правда и одговорности, економски развој и функционални институции. И на крај, улога ќе играат и надворешните фактори – рече Димитров.

Додаде дека помина 21 година од Солунската декларација, се изгубија генерации и време е да се финализира обединувањето на континентот.

– ЕУ треба да почне да ги исполнува нејзините ветувања, да го ограничи смешниот број на вето во пристапниот процес и да не стане жртва – за внатрешна употреба-на каприците од минатиот век на која било земја членка – истакна Димитров за „Катимерини“.