Никола Димитров, вицепремиерот задолжен за европски прашања, вели дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија. Тој рече дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во однос на прашањето со Бугарија. Според Димитров, министерот Османи сакал успех по секоја цена да се реши прашањето со Бугарија.
-Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации, средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има „драјв“ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и не продуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам – кажа Димитров.
Посочи дека македонскиот јазик е интимна работа и е наш, а државата е независна, па затоа, право и должност е достоинството да се зачува.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што мисли, кому најмногу му пречи во Владата, тој вели дека нему идниот премиер никогаш не му бил шеф и дека не бил во позиција да му ја следи работата.
– И не сум сигурен дека бил во позиција да ја следи мојата работа и да биде во тек со сите напори кои ги имам направено во изминатиот период. Тој баш и нема искуство и знаење во делот на надворешната политика. Наш општ шеф е народот и тој ја дава својата оценка на избори. Јас бев еднаш на избори како носител на листа и победив. Ќе има други избори, можеби ќе бидам дел од нив и таа оценка ќе ја чекам. Меѓутоа, би рекол, непристојно е да се зборува за резултати од мојата работа во последниве четири години и седум месеци, кога сите знаеме дека најголемите успеси беа во областа на надворешната политика. Јас и во поголемиот дел од тие четири години и седум месеци како министер за надворешни работи и како вицепремиер за европски прашања од една година и четири месеци вклучен во европската дипломатија, го имав главниот збор токму во оваа област – додаде Димитров.