Заврши увидот во Избирачкиот список и регистрацијата на гласачите од дијаспората за претојните претседателски (24 април) и парламентарни избори (8 мај).
Заклучно со вчерашниот ден во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија увид на своите податоци во Избирачкиот список направиле 6.231 лице. Според ДИК, 23 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 29 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 11 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.
Електронски проверка во податоците направиле вкупно 56.299 граѓани, а поднесени се 47 барања за промена на податоци, девет барања за бришење на податоци и 24 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.
По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, според информациите од ДИК, заклучно со 19 март 2024 година, до 9 часот, се пристигнати вкупно 2.943 пријави од кои 2.369 се прифатени, 396 се одбиени и 178 необработени пријави кои ќе бидат обработени во текот на денешниот ден.
Од ДИК информираат и дека регистрацијата на гласачите во дијаспората завршила денеска во 9 часот, поради продолжување на рокот за пријавување на гласачите.
– Причината за продлжување на рокот беа технички проблеми со интернет-страницата www.dijaspora.sec.mk, кој траеше од 17 март 2024 година од 24 часот до 18 март 2024, 9 часот – посочуваат од Државната изборна комисија.