Државната изборна комисија (ДИК) денеска со четири гласа „за“ и два „против“ усвои Упатство за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, со коешто се утврдува дека само еднаш ќе може да се оди на избирачките места за гласање на двојните избори на 8 мај – парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
Упатството на предлог на тројца членови на ДИК го образложи Борис Кондарко, кој посочи дека тоа ќе важи само во случаи кога има спроведување на два или повеќе различни видови избори и референдум во исти ден.
– Со ова упатство се предлага откако ќе го остварат своето избирачко право и откако по сопствен избор ќе гласаат или само за претседателски или само за парламентарни избори граѓаните потоа нема да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и за кои претходно не го искористиле даденото право за избор. Со ова предлог упатство избирачкиот одбор задолжително ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да изберат и да се изјаснат за кој вид на избори ќе гласаат и тоа само за претседателски избори, само за парламентарни избори или и за претседателски и за претседателски избори – рече Кондарко.
Тој оцени дека со регулирањето дека граѓаните можат само еднаш да дојдат на гласачкото место и со можноста според лична желба да се определат за кој вид на избори сакаат да гласаат не се прави никаква дискриминација на правата за слободен избор и определбата на граѓаните, односно не се ограничува или не се намалува нивното право на глас.
Напротив, посочи, со ваквото упатство се штитат правото и слободното определување на граѓаните и се штитат самите граѓани од можни манипулации, притисоци и злоупотреби на нивната волја. Истовремено, не само што не се ограничуваат правата на гласачите, туку истите права се штитат од страна на ДИК затоа што се елиминираат и секакви можности некој да ги евидентира граѓаните кои дошле на гласачките места да ги проверува за кој вид на избори гласале и потоа евентуално во текот на денот да ги тера повторно да излезат и да гласаат за друг вид на избори.
Со ваквото решение Кондарко рече дека би се оневозможиле гужви и чекање на ред за гласање пред гласачките места што би било случај доколку граѓаните доаѓаат по два пати во текот на денот да гласаат.
– Ова е во интерес и на самите граѓани, но и на изборните органи кои ќе можат поефикасно и побрзо да работат, но и би се избегнале можностите од евентуални технички или ненамерни грешки од страна на избирачките одбори што би било на штета на граѓаните, но и непотребно би имало негативна слика за организацијата на гласањата за што е одговорна ДИК – наведе Кондарко.
Во текот на расправата, мнозинството во ДИК не го прифати предлогот на членот Бобан Стојановски на гласачите да им се овозможи во текот на денот повторно да се вратат и да гласаат бидејќи, како што рече, сега има технички услови, односно со уредите за биометриска идентификација постои можност гласачот да биде идентификуван за секој вид избори одделно и да може ова право да го оствари во текот на целиот изборен ден.
– Со оглед дека ни претстојат два вида на избори кои се одржуваат во ист ден и кои претставуваат посебни изборни процеси гласачите ќе гласаат одделно за секој вид избори, следствено на тоа логички и уставно е да им се даде правото на избор на гласачите да се определат за кој вид на избори ќе гласаат и кога ќе дојдат на гласачкото место. Сега кога имаме технички услови сметам дека темата воопшто не требаше да ја отвораме, туку да им овозможиме на гласачите да си го остварат своето право слободно, односно да им овозможиме да гласаат за кој вид избори сакаат, па доколку во тек на денот се предомислат да им овозможиме повторно да се вратат на гласачкото место – рече Стојановски.
Тој оцени дека со предлогот од Кондарко постои можност да бидат дискриминирани гласачите од причина што еден гласач ќе може да избира за кои избори ќе гласа само во истиот момент кога ќе дојде на избирачкото место.
– На овој начин се дискриминираат гласачите кои во тој момент ќе одлучат да гласаат само за еден вид избори, а доколку се предомислат во текот на изборниот ден и се вратат на гласачкото место тоа ќе им биде забрането – рече Стојановски.
Тој не доби поддршка во предложеното упатство да се направи промена во член 4 став 6, член 5, став 2, член 5 став 4 и во член 5, став 6 со кои ќе им се овозможи на гласачите кои во текот на денот ќе дојдат и ќе гласаат да можат да дојдат повторно и да гласаат,
Претседателот на ДИК Александар Даштевски, пак, посочи дека треба да се поддржи предлогот на Стојановски укажувајќи на преземените обврски во нашиот Устав од меѓународните документи на кои сме потписици – Универзалната декларација за човекови права и Европската спогодба за човековите права.
– Доколку се земе во предвид Универзалната декларација за човекови права која предвидува дека секој може да гласа под еднакви услови и дека никој не може да му ограничува гласање тогаш не знам дали може воопшто да постапиме вака бидејќи имаме опција, сега опцијата е со отпечаток од прст – рече Даштевски.
Предлогот на Кондарко доби поддршка од потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, која истакна дека ДИК е тука да организира слободни и демократски избори и да им овозможи исти права, но оти со моментот што ќе им овозможи да гласа за два вида со едно одење не значи дека им го ускратува уставното загарантирано право на граѓаните.