Фото: Министерство за правда

Владата на предлог на министерот за правда Кренар Лога ги именуваше професорката Рената Дескоска за член, а професорот Јетон Шасивари за заменик-член на Венецијанската комисија.

За именувањето на двајцата универзитетски професори информираа од Министерството за правда, а ресорниот министер им посака успешна работа во Венецијанската комисија.

Венецијанската комисија е орган на Советот на Европа и е составена од независни експерти кои се признати и познати по нивното искуство во демократските институции и по нивниот придонес во уставното право и политичкиот систем, со задача да дава правни совети во форма на правни мислења на нацрт закони или закони кои се веќе донесени во одредени земји.

-Улогата на Венецијанската комсија е да обезбеди правно мислење за нејзините земји-членки и особено да им помогне на државите кои сакаат да ги усогласат законите со европските стандарди и меѓународното искуство во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото – велат од министерството.