Владина делегација предводена од техничкиот премиер Талат Џафери положи цвеќе и им оддаде почит на борците од Народноослободителната борба, пред споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред Владата, со што ги одбележа 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во состав на владината делегација беа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ.
– На официјалната церемонија, реализирана со воени почести, почит оддадоа и положија цвеќе и: делегација на Сојузот на борци од НОАВМ, предводена од Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци, од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Билјана Блажевска, аѓутант, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Снежана Калевска-Ванчева, пратеничка, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од бригаден генерал Орце Јордев, како и претставници од дипломатскиот кор во државава, меѓу кои и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, делегација на Град Скопје, претставници на политички партии – соопшти владината прес-служба.
Претходно, на церемонија со воени почести, делегации од Владата, од Кабинетот на претседателот на државата, од Собранието, од Сојузот на борци од НОАВМ, претставници од дипломатскиот кор, од Град Скопје, од политички партии, оддадоа почит и положија цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.
– Република Северна Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата. Така било за време на Втората светска војна, кога земјата била рамо до рамо со прогресивните антифашистички сили. Нашата држава е создадена на рушевините на фашизмот, во извојуваната слобода и со прогресивната идеја за напредок. И денес, во сложениот геополитички контекст, стоиме со сојузниците, како рамноправна членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, темелејќи го развојот, на демократијата – наведува прес-службата на Владата во соопштение.
По повод 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Денот на Европа, премиерот на техничката Влада Џафери порача дека „цврсто стоиме и ќе стоиме на браникот пред какви било форми на современ фашизам, коишто се закана за мирот и прогресот насекаде во светот“.
– Исто така, со искрена почит кон големата европска идеја, на којашто се темели изградбата на Европската Унија, ќе продолжиме да придонесуваме во заштитата и афирмацијата на европските вредности, како гаранти на мирот и перспективите и на Република Северна Македонија. Република Северна Македонија припаѓа во европското семејство на народи и држави и стремежот на граѓаните за членство во Европската Унија заедно ќе го оствариме – информира владината прес-служба за пораката на Џафери.