“Свети Атанасиј Велики е еден од најголемите поборници за православната вера и со право во неговиот тропар се нарекува ‘столб кој со божествените догмати ја утврди Црквата’. Живеејќи во тежок период, овој маркантен архиереј со ретки духовни квалитети, кои ги збогатил со невообичаеното христијанско благочестие, одиграл пресудна улога во сочувувањето на вистината во Црквата“, вели проф. д-р Виктор Недески, кој моментно работи на уште една значајна книга посветена на свети Атанасиј.
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на 31 јануари го празнува Свети Атанасиј Велики, голем христијански светител, еден од ретките наречен Велики, составувач на второто Житие, учесник на Првиот вселенски собор во Никеја на кој биле решени многу црковни проблеми. Тој, со прекини, бидејќи бил многу прогонуван од неколку римски цареви, 47 години бил Архиепископ на Александрија. Овој светец, и како Слава, го празнуваат многу семејства во Македонија. Неофицијално, во државава има минимум околу 150 црковни храмови што го носат називот на овој светец.
За огромното значење на оваа голема личност, ни укажува Проф. д-р Виктор Недески, продекан на Православниот Богословски Факултет (ПБФ) “Св. Климент Охридски“ при УКИМ Скопје, на кој ги предава предметите Патрологија и Агиологија со хеортологија. А, токму предметот Патрологија ги истражува животот, делата и учењето на светите отци и христијанските писатели од целокупната црковна историја. Меѓу нив особено значајно место зазема свети Атанасиј Велики. Професорот Недески посветил сериозно внимание на овој голем отец на црквата. До сега публикувал повеќе научни истражувања посветени на овој голем богослов, од кои најзначајна е неговата книга „Посланијата до Серапион – пневматологијата на свети Атанасиј Велики“ во која се истражува најраното систематско учење на Црквата за Светиот Дух што е и тема на овие посланија.
Професор доктор Виктор Недески моментно работи на уште една значајна книга посветена на свети Атанасиј, која ќе носи наслов „Словата против аријанците – тријадологијата на свети Атанасиј Велики“. Во оваа книга се разработува учењето за Света Троица онака како што е изложено во овие слова на свети Атанасиј, кои се едни од најрепрезентативните богословски творби во историјата на Црквата.
Дополнително и во учебникот по предметот Патрологија кој го подготвува професор Недески, личноста и дејноста на свети Атанасиј заземаат особено значајно место. По неговите многугодишни истражувања на дејноста на свети Атанасиј, професорот вели:
– Свети Атанасиј Велики е еден од најголемите поборници за православната вера и со право во неговиот тропар се нарекува „столб кој со божествените догмати ја утврди Црквата“. Живеејќи во тежок период, овој маркантен архиереј со ретки духовни квалитети, кои ги збогатил со невообичаеното христијанско благочестие, одиграл пресудна улога во сочувувањето на вистината во Црквата. Во периодот кога внатрешните непријатели на Црквата се покажале како поопасна закана од римските гонители, свети Атанасиј се борел со нескротлива храброст за победа на вистините на верата, за што платил со многу искушенија и пет прогонства со времетраење од шеснаесет години. Согласно со зборовите на авторот на пофалбата за него – свети Григориј Богослов, „добродетелта и Атанасиј се синоними, бидејќи во него се собраа сите добродетели“. Свети Григориј завршува со зборовите: „Фалејќи го Атанасиј ја пофалувам добродетелта“, ни кажува професорот и додава:
– Свети Атанасиј е автор на бројни дела со догматски, историски и поучен карактер. Тој е автор и на еден од најраните житијни текстови воопшто во црковната книжевност. Тоа е Житието на свети Антониј Велики, посветено на таткото на христијанското монаштво и еден од најблиските соработници на свети Атанасиј – вели проф. д-р Виктор Недески.
Живко Здравкоски