Демократскиот сојуз го повикува Министерството за образование да ги прекине активностите за менување на наставната програма за шесто одделение и воведување нов предмет „Историја и општество“ од следната учебна година, кој треба да замени три одделни предмети, историја, географија и граѓанско образование.
-Предупредуваме дека со механичко мешање на наставните содржини на три различни предмети се маргинализира изучувањето историја, кој е исклучително важен предмет за сочувување и јакнење на националниот идентитет и за формирање на личноста на младите – предупредува Деморатскиот сојуз.
Од партијата ја осудуваат оваа контроверзна образовна реформа, како што велат, уште кога беше ненаучно и насилно накалемена од тимот на екс министерката за образование Мила Царовска.
-Тогаш предупредивме дека експериментот кој преку спојувањето повеќе различни предмети ќе се испробува во Македонија, врз грбот на нашите најмлади, во таква форма не постои никаде во Европа и во цивилизираниот свет кон кој се стремиме – соопшти ДС.
Оттаму инсистираат дека спојувањето на предметот историја со повеќе други предмети, испраќа порака дома и кај нашите соседи дека на Македонците историјата не им е важна, што може да се сфати како сечење на корените на македонскиот народ и обид за негово бришење од картата на народите, поради што мораме да бидеме внимателни.
Демократскиот сојуз предупредува дека со брзоплето менување на наставната програма и пишувањето збирни учебници за три предмети, новите генерации ученици ќе бидат осакатени во знаењето, зашто, како што додаваат, ниту ќе научат историја, ниту географија ниту ќе стекнат граѓанско образование.
-Не сакаме да веруваме дека овие реформи се како резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија и одлуките што ги носи заедничката Комисија за историски и образовни прашања – порачаа од ДС.
Тие ја повикаа Владата да ги разгледа сите аспекти на реакциите од експертите и партиите и да престане да ги третира учениците како експериментални глувци. Демократскиот сојуз бара Владата да го врати предметот историја во формата како што досега се изучуваше, како посебен предмет.