фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство д-р Илир Демири, денеска се сретна со претседателите на Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ) Александар Стамболиски и Елмир Сејфулаи, како и членката од Асоцијацијата Ивана Атанасоска. На средбата се дискутираше за состојбата на пациентите со цистична фиброза, за третманот и лекувањето со трикафта, но и за следните конкретни чекори што треба да се преземат за подобрување на животот на оваа група пациенти.

Демири, потенцираше дека министерството и Асоцијацијата имаат успешна соработка којашто резултира со поквалитетен живот на пациентите.

– Асоцијацијата за цистична фиброза е нашиот партнер и заеднички продолжуваме да делуваме за подобра здравствена состојба на пациентите со цистична фиброза. Горд сум што нивната белодробна функција по примањето на терапијата е подобрена. Досега 32 пациенти имаат примено Трикафта и етапно сите ќе се вклучат на терапија. Верувам дека заеднички можеме многу да постигнеме, во Министерството за здравство имате искрен партнер – рече Демири.

Претседателот на Асоцијацијата Стамболиски во извештајното резиме нотира дека пациентите кои се вклучуваат на терапија со трикафта, комплетно им го подобрува животот.

– Во сите овие процеси, АЦФ не ја заборава и се заблагодарува за улогата на ресорното Министерство за здравство, во кое гледаме пријател за здравјето на пациентите – процес што треба да продолжи и да ги опфати сите на кои лекот живот им значи. Тоа може да се потврди само со коректна соработка и институционален континуитет каков што воспоставивме на релација: Асоцијација на цистична фиброза – Министерство за здравсто. Веруваме дека нашите заложби се взаемни со Министерството, бидејќи и покрај досега постигнатото, пред нас се и нови сериозни задачи. Како потврден учесник во добрата соработката со институцијата продолжуваме со адресирање на проблемите, но и да нудиме соодветни решенија од заеднички интерес за пациентите – вели Стамболиски.