М-р Бојан Богдановски / Фото: Приватна архива

Едно е сигурно, а тоа е дека бројот на деца кои доцнат со проговорување, односно доцнат во развојот, од ден на ден станува се поголем и поголем

Автор: Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист, магистер по СЕР област интелектуална попреченост и аутизам

Секојдневно сме сведоци на деца кои имаат три и повеќе години, а не зборуваат, зборуваат на т.н. „бебешки” јазик, покажуваат само со показалецот кон тоа што го сакаат без да го именуваат или пак манифестираат некаков друг вид на отстапување во развојот. Запознаваме се повеќе родители кои меѓусебно комуницираат за тоа зошто нивните деца се подоцна проговоруваат, зошто нивните деца не зборуваат, како да го стимулираат говорно-јазичниот развој на своите деца, како и родители на деца со аутизам, развојна дисфазија и слично, кои макотрпно бараат вежби, игри и начини како да го стимулираат развојот на говорот и јазикот на нивното дете во нивниот дом. Од друга страна, логопедите и дефектолозите се погласно апелираат за тоа дека треба да се побара стручна помош на време.

Едно е сигурно, а тоа е дека бројот на деца кои доцнат со проговорување, односно доцнат во развојот, од ден на ден станува се поголем и поголем.

Но пред да создаваме паника, страв и грижа, важно е да знаеме на кој начин се одвива развојот на говорот и јазикот кај децата, затоа што честопати родителите ги споредуваат своите деца со други деца кои зборуваат повеќе од нивните, односно порано проговореле од нивните деца, па очекуваат нивното дете од една година веќе да зборува како дете од три или четири години.

Како се одвива говорно-јазичниот развој?

1. Возраст до 6 месеци
Детето своето разбирање го покажува на тој начин што се врти кон изворот на звук, извршува продукција на говор на тој начин што ги повторува слоговите ба-ба-ба, гуга, брбори, врши продукција на комбинации од гласовите п, б, в, покажува променлива интонација за време на плачењето и гугањето.

2. Возраст до 12 месеци
Детето почнува да го разбира своето име и името на блиските лица, како што се мајката, таткото, бабата. Продуцира нови разбирливи и неразбирливи гласови и исти слогови, како ма-ма, ба-ба, та-та, проследени со ниски тонови. Покажува желба за блискост и игра со родителите, како што е игра со рачињата.

3. Возраст до 18 месеци
На оваа возраст детето разбира зборови како што се имињата на предметите во своето видно поле, продуцира разбирливи зборови со кои ги именува познатите лица и предмети, вокализацијата се зголемува, користи гест или говор за одбивање, барања и одговори.

4. Возраст до 24 месеци
Детето разбира налози составени од два збора, односно од глагол и предмет (пример: „Дај рака!”, „Земи топка!”, „Фрли топка!”…), како и продуцира налози составени од два збора (глагол – предмет), што укажува на тоа дека фондот на зборови се зголемува за околу дваесетина и повеќе зборови, кои на детето му служат за да праша „Што е тоа?”, „Каде е тоа?”, „Дали може?“ итн.

5. Возраст од 3 до 4 години
Детето ги изговара гласовите: а, е, и, о, у, п, б, т, д, к, г, м, н, њ, ф, в, х, ј, набројува од три до пет предмети кои ги гледа пред себе или на слика, одговара на прашањето ,,Што е тоа?”, користи лични заменки, фондот на зборови се зголемува од 900 до 1.500 зборови, користи најмногу именки, глаголи и заменки, ги познава основните бои, користи прости или непотполни реченици од три – четири збора, покажува голем интерес за околината, изразено сака да се шали, да си игра и да разговара, го разликува својот пол, може напамет да научи некој стих или кратка песничка, со прсти покажува колку години има, се зголемува неговото внимание.

6. Возраст од 4 до 5 години
Детето одговара на прашањето за што нешто служи и што нешто прави, притоа употребувајќи неколку предлози, различни видови заменки, се зголемува фондот на зборови од 1.500 до 2.100 зборови, составува потполна реченица од четири до пет збора, почнува да раскажува што гледа, се уште не се или не се целосно формирани гласовите: с, з, ц, ѕ, ш, ж, ќ, ч, џ, ѓ, л, љ, р, ја зголемува желбата и потребата за социјализација со своите врсници, вниманието се зголемува.

7. Возраст од 5 до 6 години
Фондот на зборови се зголемува до 2.500 зборови, со примена на сложени реченици, учење напамет кратки песнички, сите гласови ги применува во сите три положби во зборот, има кратко идно предвидување (пример: колку години ќе има наредната година, дали после е утро или пладне, што ќе прави после…), имагинарната и креативна игра е силно изразена, опишува предмет кој не е во неговото видно поле, вниманието е зголемено дури до пола час.

Кога станува збор за задоцнување во говорно-јазичниот развој?

Станува збор за задоцнување во говорно-јазичниот развој кога детето има наполнето две – три години, а се уште ништо не зборува, употребува само неколку зборови кои некогаш можат да бидат и нефункционални. Станува збор за задоцнет говорно-јазичен развој кога детето не ги разбира налозите, односно она што му се кажува, како и не остварува вербална комуникација. Честопати децата не се вртат на името кога ќе бидат повикани, не остваруваат контакт со очите, имаат потешкотии во фината и грубата моторика, имаат недостаток на концентрација и внимание и слично. Некогаш задоцнувањето во говорно-јазичниот развој може да укажува и на некои посериозни состојби како аутизам, развојна дисфазија, интелектуална попреченост и слично, па навременото барање помош од стручно лице и навременото започнувањето со третмани е од исклучително важно.

„Кои се причините за доцнење во говорот и јазикот?”

Постојат најразлични студии кои укажуваат на најразлични причини за доцнење во говорно-јазичниот развој, како што се: повреди на централниот нервен систем пред развојот на говорот, штетни фактори за време на бременоста (инфективни болести кај мајката, токсични труења, стрес, психофизички трауми), интракранијални крварења, асфиксија и аноксија, енцефалитис и менингитис, фебрилни конвулзии, генетски фактори, поспоро созревање на централниот нервен систем (латерализација на хемисферите, моторни нарушувања, когнитивни фактори, психогени и емоционални фактори, дефицит во аудитивната перцепција), средински фактори како запуштеност, недоволна јазична стимулација или преголема изложеност на модерна технологија во периодот на говорно-јазичниот развој и слично. Но сепак, најчесто причината останува идиопатска, односно непозната.

На прашањето „Кога е право време да се побара стручна помош?”, постои само еден одговор, а тоа е дека не треба да се чека да се случи чудо и нешто да се промени само од себе, туку да се побара стручна помош веднаш чим се посомневате дека вашето дете отстапува во некој сегмент од развојот.

Ние, логопедите и дефектолозите, во секојдневната пракса велиме дека родителот не може да очекува брз резултат ако го носи детето само на логопед и дефектолог, а дома воопшто не посветува време на своето дете и не вежба со своето дете. Од друга страна, апелираме дека секој родител треба да добива пишана програма по логопедските и дефектолошките третмани, за тоа како да вежба и како да го стимулира говорно-јазичниот развој на своето дете дома.

Техники и вежби како да го стимулирате детето на говор

Затоа во оваа статија ќе откриеме некои начини, техники и вежби за тоа како да го стимулирате побрзото усвојување на говорот и јазикот кај вашето дете.

– Посветувајте им многу време на вашите деца. Многу време не подразбира поминување еден час во текот на денот со вашето дете или шетање со вашето дете кога не го држите него за рака, туку го држите вашиот телефон во рака и разборувате со некој друг. Децата сакаат внимание, љубов и разбирање, објаснување на се што ќе видат, слушнат и допрат. На крајот, децата прво го перцепираат и учат моделот на зборување на нивните родители и околината, создаваат говорно-јазична основа, па подоцна они проговоруваат. Затоа внимателно и постојано комуницирајте со вашите деца, уште од првиот ден на нивното раѓање.

– Пејте им песнички на мајчин јазик додека ги гледате во очи. Додека пеете истовремено играјте си, создавајте некоја своја кореографија која ја следи мелодијата, ритампот и темпото на песничката.

– Играјте игри преку кои се стимулира визуо-моторната координација. На пример, на подот во собата истурете зрна грав и барајте од вашето дете со два прста (палец и показалец) да ги собира едно по едно и да ги става во чаша. Пред почетокот на секоја игра објаснете му на вашето дете со практичен пример како се игра играта.

– Не го изложувајте вашето дете на модерна технологија, односно телефони, компјутери, таблети…, особено не на странски јазик. Кога едно дете доцни во развојот на говорот и јазикот воопшто не се препорачува изложеност на модерна технологија.

– Играјте замислени игри, каде прво едниот од вас треба да направи нешто, а потоа другиот, односно игри од типот „Ти си на ред”.

– Исечете листови на еднакви квадрати. На секој квадрат со фломастери нацртајте некој поим, како на пример: балон, брод, маче, куче, пиле, топка, дрво, сонце… и потоа именувајте ги. Сликичката ставете ја пред вашето дете и именувајте ја неколку пати, гласно, чисто и без употреба на демунитивни форми, односно „бебешки” јазик.

– Редете една врз друга сликичка со ист цртеж, односно поим, и именувајте ги.

– Пејте ги и повторувајте ги слоговите кои вашето дете веќе ги има совладано. Пејте нови слогови.

– Користете игра на зборови составена од прашања и одговори, како на пример: „Каде е…?”, „Што е…?”, „Кој е…?”, „Каков е…?” и слично.

– Покажете авторитет кон вашето дете. Бидете најдобри другари, но поставете граница која ќе му даде до знаење на вашето дете дека вие сте родителот и дека треба вас да ве послуша. Авторитет не подразбира уцена и насилство! Не дозволувајте вашето дете да поставува услови, како на пример да не сака да јаде или зборува ако не седи пред телевизор и не гледа цртани.

– Ставете боичка со изразена боја во раката на вашето дете, фатете ја правилно и потоа со ваша помош цртајте кругови, полукругови, бојте со прсти потопени во водени или темперни бои и слично.

– По можност чувајте куче. Докажано е дека контактот на децата со животните, особено растењето со куче, позитивно влијае врз развојот на децата.

– Поминувајте што повеќе време заедно во природа.

– Навремено побарајте стручна помош. Консултирајте се со стручно лице, побарајте стручен совет.

Авторот е дел од ГАСПАР – центар за психофизичко здравје