Фото: Министерство за здравство

Зголемената телесна тежина претставува сериозен здравствен предизвик со растечки тренд, како на глобално ниво, така и во земјава, особено кај децата и адолесцентите. Според податоците, преваленцата на обезност во државата изнесува меѓу 30 и 35 проценти.

Во овој контекст, значајна улога имаат центрите за третман на дебелина при Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „8 Септември“, соопшти Министерството за здравство.

Неделава, во Охрид е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион. Според надлежните, станува збор за хронична болест поврзана со повеќе од 200 коморбидитети, меѓу кои кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2.

Министерот Азир Алиу истакна дека е неопходен мултисекторски пристап и зголемување на јавната свест за справување со овој глобален проблем. Тој говореше на стручен симпозиум организиран од ОБЕМ.

На настанот беше нагласена потребата од превенција, едукација и засилена соработка меѓу институциите и невладиниот сектор.

Од Министерството посочуваат дека ќе продолжат со мерките за поддршка, особено преку програмите за обезбедување терапија и материјали за контрола на дијабетесот, имајќи ја предвид тесната поврзаност помеѓу обезноста и дијабетес тип 2.