Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, во рубриката Датуми за паметење секој месец издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци

1 септември 1858 год.: Роден е Трајко Китанчев, македонски книжевник и револуционер. На Првиот македонски конгрес во Софија, кој започнал со работа на 19 март 1895 година, Трајко Китанчев бил избран за претседател на бирото на конгресот. Тој на конгресот одржал една „пламена родољубива и поучна реч“, по што прашањето за обединувањето на македонските друштва, кое било една од главните цели на конгресот, било прифатено од сите, без дискусија. За улогата на Китанчев при обединувањето на македонските друштва, „Знаме“ пишува: „Тој беше единствениот човек што имаше огромна доверба речиси кај сите Македонци, никаква завист или клевета не можеше да му наштети. Само тој можеше да ги обедини во едно и старо и младо, и бујни и умерени“. На конгресот македонските друштва се обединиле во единствена организација на чело со постојан Македонски комитет од дваесет члена, а за претседател на бирото на комитетот бил избран Трајко Китанчев

1 септември 1899 год.: Роден е Герман Петров Христов-Дамовски, син на македонскиот војвода Петар Христов-Германчето и истакнат македонски деец. Дејствува како партизан и организатор во Преспанско, Леринско, Костурско, Кајларско, сѐ до капитулацијата на ДАГ во 1949 година.

2 септември 1905 год.: Загина Леонид Јанков, истакнат македонски револуционер, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација (МРО). Опеан е во песната „Трба трби Гевгелија“.

3 септември 1901 год.: Започна т.н. афера Мис Стоун, кога на патот од Банско за Симитли, кај месноста Потпрена Скала, четата на Јане Сандански ги киднапира американската мисионерка мис Елен Стоун и нејзината придружничка Катерина Стефанова-Цилка. Првичната намера на акцијата е да се обезбедат финансиски средства, но аферата го популаризира македонското прашање во светот, како и македонската идеја за слобода.

4 септември 1933 год.: Во Софија излезе првиот број на „Македонска правда“, весник на македонската емиграција во Бугарија.

5 септември 1919 год.: Роден е Владо Малески, значаен македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“.

7 септември 1932 год.: Починал Аргир Манасиев, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација. Привлечен е од Гоце Делчев во редовите на револуционерното движење. Активно учествува во создавањето на нови комитети и проширувањето на мрежата на организацијата.

8 септември 1991 год.: Се одржа македонскиот референдум за независност, кој резултира со прогласување независност на Македонија од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Денес се празнува како Ден на независноста на Македонија, празник што ги означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ

11 септември 1944 год.: Струмичкиот партизански одред ги ослободува Струмица и околните места од окупацијата на царска Бугарија, која е сојузник на Третиот рајх и фашистичка Италија.

12 септември 1942 год.: Се самоубиваат македонските херои Стив Наумов и Мите Богоевски кај селото Болно, Ресенско. На овој чин му претходела борба со бугарската војска и полиција. Бугарските вооружени сили ги изложиле нивните тела во Болно, по што телата биле фотографирани од припадниците на бугарската војска. Биле закопани во близината на местото каде што загинале, но бидејќи месното население започнало да ги посетува гробиштата, бугарските војници ги откопале телата, ги оставиле покрај реката за да се распаднат, а потоа ги однеле во непозната насока.

13 септември 1924 год.: Во Софија е убиен Димо Хаџи Димов, еден од идеолозите на македонското револуционерно движење. Истиот ден бил убиен и Славчо Ковачев, еден од членовите на Македонската федеративна организација. Хаџи Димов ја разбрал веста за убиството на својот пријател Ковачев и возбуден од тажната вест, тој искоментирал пред своите другари дека повторно започнале физичките истребувања и изразил жалење поради тој факт. Хаџи Димов во тие моменти се упатил кон кафеаната „Галик“ за да се запознае со подробности за убиството на Ковачев. На улицата Пиротска, македонскиот деец бил пречекан од терорист на ВМРО, кој со неколку револверски истрели го соборил на земја, а за да се осигури во неговата смрт се наведнал над трупот на жртвата и пукал уште двапати. Убиството било извршено од Владо Черноземски.

15 септември 1913 год.: Роден е Ристо Кордалов, истакнат македонски револуционер и воен раководител, доследен борец за македонското дело и слобода во периодот на ослободувањето на земјата до неговата смрт. За своите заслуги е одликуван со Орден за храброст, Орден за заслуги за народ со сребрени зраци и Орден за братство и единство со сребрен венец.

17 септември 1924 год.: Убиен е Чудомир Кантарџиев-Чудото, истакнат македонски револуционер. Бил член и војвода на Македонската револуционерна организација. Кантарџиев е еден од најблиските соработници на македонскиот великан Јане Сандански, како таков го сочинувал јадрото на т.н. серчани, подоцна познати и како санданисти. Убиен е во Пловдив, по наредба на Иван Михајлов.

23 септември 1903 год.: Над селото Цапари, на Баба Планина, се водела последната битка во Битолскиот револуционерен округ во текот на Илинденското востание. Во борбите загинале 48 македонски востаници, а во спомен на оваа битка, во непосредна близина на Ротинска Река, на патот кон врвот Пелистер, во 1968 година е подигнато скромно спомен-обележје.

24 септември 1908 год.: Во кафеаната „Бошњак-ан“ во Солун е извршен неуспешен атентат врз македонскиот водач и револуционер Јане Сандански. Во текот на атентатот, двајца придружници на Сандански биле смртно погодени. Атентатор е Бугаринот Тане Николов, приврзаник на Христо Матов.

29 септември 1941 год.: Започнало т.н. Драмско востание на македонските и грчките партизани против бугарската фашистичка власт. По жестоките борби, бугарската војска и полиција го задушиле востанието и масакрирале околу 3.000 луѓе.
Д.Ст.