Дали децата ни се толку небитни, какви ли генерации ќе продуцираме, за сето ова одговорни сме ние сега, а не овие деца кога ќе бидат младинци, или возрасни, вели психологот Адмир Косоврасти по целата ситуација настаната како последица на штрајкот во воспитно-образовните институции во земјава.
Вработените во училиштата и градинките штрајкуваат веќе втора недела, а најголем дел од учениците не одат на настава. Празни се и голем дел од градинките. Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Владата не успеваат да се договорат околу процентот на зголемување на платите на вработените.
Основата во образованието се добива од најрана возраст. Работните и животните навики се стекнуваат во училишните клупи. Но, како и дали ќе може да дополни загубеното, особено ако се има предвид дека децата што одат во градинка и учениците се соочуваа со многу вонредни околности и учење од дома, поради пандемијата. Кој ќе биде виновен за набрзина предадените лекции, површното оценување, лошите резултати на завршните матурски испити…
– Последиците од штрајкот се далекусежни. Некои од нив можат да се увидат и веднаш, како што се губење на рутина кај децата, губење елан, незаинтересираност, индиферентност, излегување од ритам, непреземање одговорност и губење на почит за самиот образовен процес, па се до појава на анксизност, страв и несигурност кај децата. Во периодот на пандемија имавме неминовна и живото-загрозувачка состојба која и бараше соодветно однесување, од карантин, преку онлајн-школство, носење маски итн, но тоа имаше и одредена цел, и последици кои веќе ги живееме – анализира Косоврасти.
Според Косоврасти, во целата ситуација има многу незадоволени страни, зависно од која перспектива се гледа проблемот – на држава, на учител, на родител или пак на ученик.
– Сите чинители се незадоволни и се држат до свои позиции. Сите го бараат своето право, но дали има други форми да се стигне до целта? Дали постојат други начини да се надмине целата ситуација – прашува Косоврасти.
Психологот смета дека актуелната состојба е наметнато пореметување кое има негативни последици врз секојдневното функционирање на децата, друштвениот живот и функционирање во семејството.
– На поголемите деца на некој начин им се ремети веќе воспоставената хомеостаза, додека на помалите им се лишува можноста да постигнат некој оптимален баланс, особено кога веќе еднаш се привикнале на градинка и училиште, кое кај некои деца и родители е проследено со анксиозност и потреба од период на прилагодување, за сега повторно да ја доживуваат таа сепарациона анксиозност – истакна Косоврасти кој најпрвин како родител, а потоа и како психолог, повикува на разумност кај сите чинители и излегување од оваа ситуација во што поскоро време.
Според педагогот Ирина Николовска ситуацијата е комплексна и неблагодарно е да се бара виновник.
– Многу е неблагодарно во ситуацијава да се обвини некој или да се бара виновник. Секој во општеството/државата има свои права. Учениците имаат право на образование, но и наставниците имаат право на достоинствен живот и почит во општеството. За да едно дете биде изградено во успешна личност, многу голема улога има наставникот. Кога наставникот би бил доволно мотивиран и покрај своето несебично целосно вложување во пренос на своите знаења кон учениците, ќе се чувствува како вистински професионалец кој е клучна алка во општеството. За жал во моментов наставниците се најмаргинализирани во државата – смета Николовска.
Штрајкот во образованието започна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 отсто и нивно усогласување со минималната плата, која што беше зголемена. Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование кое што го понуди Владата, според СОНК не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата.