Илустрација / Фото: Нова Македонија

Довербата во јавниот здравствен систем како повод

„Нова Македонија“ контактираше со неколку поранешни министри и експерти од јавното здравство што ги познаваат функционирањето, организацијата и структурата на јавното здравство во земјава, како и специфичната тежина на тој сектор во едно општество

Довербата во лекарите е најважната алка во еден здравствен систем. Луѓето понекогаш велат доволно е само еден разговор со лекарот, за пациентот да се почувствува подобро. Тоа е карактеристика на високо ниво на доверба. На лекарот му веруваме на дијагнозата и терапијата и ако имаме доверба, нема потреба да се плашиме. Во системите каде што довербата е нарушена, ги бараме добрите доктори за да им се довериме. Таков беше македонскиот јавен здравствен систем. Од викендов, по случајот на Клиниката за онкологија, изгледа дека целосно е девастирана и најмалата доверба. Тоа е најголемиот пораз за еден јавен здравствен систем, оценуваат нашите соговорници лекари.

Грешките во здравството многу често се плаќаат со тешки трауми, инвалидитет или загубени човечки животи.
Изминативе години се евидентирани повеќе индикатори за дисфункционалност во здравствениот систем, случаи за кои постојат основи на сомневање за нееднаков третман на пациенти или лекарски грешки од страна на здравствените работници и за што се поведени процесни дејства, но тоа очигледно не го направи здравствениот систем поефикасен.

Јавното здравство со феномен на домино-ефект

Последниве неколку години јавноста е сведок на неколку скандалозни настани во јавното здравство, кои оставија длабока општествена траума, но, што е уште поскандалозно, тоа е што не се преземаа никакви мерки за подобрување на функционирањето на јавното здравство.

Фото: Игор Бансколиев

Меѓу најголемите е пожарот во модуларната болница во Тетово. На 8 септември 2021 година, 14 лица го загубија животот откако модуларната болница во Тетово целосно изгоре само за неколку минути. Во болницата тогаш имало педесетина пациенти, медицински тим, но и роднини на пациенти што инаку не смееле да бидат во објектот.
Истрагата утврди низа пропусти и нерегуларности во начинот на кој функционирала модуларната болница и околу присуството на лица што не биле хоспитализирани.
Пламенот за неколку моменти се проширил низ модуларната болница. Според вештачењето на полицијата, во поткровјето на модуларната болница немало прегради помеѓу модулите, односно просториите, и кон ходникот, кои би го забавиле ширењето на огнот.

Во јануари 2021 година докторка од Белград, која нема соодветна лиценца за работа од Македонската лекарската комора, правела царски рез во Клиничката болница во Битола, соопшти тогаш Министерството за внатрешни работи.

Докторката е сопруга на 33-годишен гинеколог во битолската болница. Тој и негов колега гинеколог, 60-годишен битолчанец, ги пречекориле своите овластувања и ѝ овозможиле на докторката од Белград да изврши породување со царски рез во операционата сала во битолската болница на 1 јануари годинава.

Двајцата гинеколози од Битола се пријавени за делото злоупотреба на службената положба и овластување, додека сопругот на докторката од Србија е осомничени за фалсификување службена исправа. Српската лекарка, пак, е пријавена за надрилекарство и за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Истата година во болницата во Струга родилка обелодени дека по породувањето од болницата си заминала без матка, јајник и бубрег. Таа поднесе кривична пријава за тоа против директорот на болницата Мухамед Асани, кој го извршил породувањето. Уште една пријава за Асани поднесе и семејство од Дебар, кое тврди дека несовесното работење на гинекологот е причината поради која нивната ќерка ќе има трајни последици врз менталниот развој.

Овие случаи се само неколку подрастични примери од многубројните пропусти во здравството што се случија само последниве неколку години.

Лекарските поведенија се само еден аспект на проблемот, преостанатите проблеми само се акумулираат

Но познавачите на состојбите се едногласни дека лекарските грешки се само еден аспект на проблемот. Недостигот од медицински кадар и персонал и лошите услови во болниците, недостигот од медицински материјали, долгото чекање редици во болниците се проблеми на кои граѓаните се жалат со години.

Во однос на големиот број реформи во здравството што ги воведуваат властите, според здравствените експерти, дел од тие реформи се почнати, стигнати до одредена фаза, но не продолжуваат понатаму.

Експертите се согласни и посочуваат дека сите скандали во јавното здравство ја дехуманизираат лекарската професија, а пациентите се изложени на драстични последици, како губење на нивниот живот, стекнување инвалидитет или влошување на нивното здравје.

Недостигот од медицински кадар е проблем со кој се соочуваат најголемиот број медицински центри во земјава. Лошото планирање, недоволниот број специјалисти, стравотниот одлив на медицински кадар во странство се само некои од елементите што придонесоа во јавното здравство во земјава да нема доволно здравствени работници, па во прашање се доведува и статусот на одделни болници што не можат да ги исполнат потребните услови за пополнетост со соодветен кадар на одредени одделенија.

Кога станува збор за лошите услови во болниците, доволно е да се каже дека најголемиот број од нив се изградени пред педесет и повеќе години, а сите од ред плачат за сериозно реновирање или напуштање на руинираните објекти.
Во обид колку-толку да се стави ред на овој план, веќе со години се планира изградба на нов клинички центар во Скопје, но засега сѐ останува на ниво на меѓупартиско надмудрување.

Речиси е неверојатно како една практика се повторува секогаш кога ќе дојде до смена на чело на Министерството за здравство. Како доаѓа нов министер за здравство на функцијата, тој веднаш ги отфрла дотогашните проекти и планови и целата процедура започнува од нула. Веќе се променети неколку потенцијални локации, како и евентуални изведувачи на работите, а плановите за нов клинички и натаму се во облаци.

Во тие рамки може да се спомне и клиничкиот центар во Штип, кој се гради веќе којзнае колку години, а крајот не му се гледа. Се сменуваат изведувачи, се менуваат условите, но клиничкиот центар никако да се доврши. Од друга страна, Битола има колку-толку пристоен објект, но таму се соочуваат со сериозен недостиг од персонал, па пациентите се принудени да патуваат во Скопје или во други градови во потрага по соодветни специјалисти за нивната болест.

Состојбите, генерално гледано, се далеку од розови. Најновата афера со Клиниката за онкологија уште еднаш ја извади на површина „здравствената симптоматологија на заболеност“ чие лекување со години се одложува или се игнорира. Сите обиди досега да се направи некаков сериозен пристап, со здравствениот речник идентификувани постапки на „дијагноза, анамнеза, конкретен третман, па дури и хируршки рез“ за да се расчисти со болеста, останаа без успех. Пациентот, македонското здравство, за жал, запаѓа во длабока кома.