Претседателот на Собранието Африм Гаши, придружуван од пратениците Бејџан Иљас, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџику и Беким Сали, ја продолжува официјална посета на Турција со средби во Истанбул.
Како што соопшти собраниската прес-служба, делегацијата присуствувала на Конференцијата за отворање на академската година 2024-2025 на Универзитетот Мармара, кој е еден од најстарите и најпрестижните универзитети во Турција.
Претседателот Гаши одржал предавање на тема „Односите меѓу Северна Македонија и Турција на историски и политички план, актуелни прашања во светот“ пред ректорот, професорите и студентите на овој Универзитет.
Тој се осврнал на заедничката географија и историја, образованието, културата и градењето на нацијата, заедничката геополитика и перспективите како би можел да изгледа заедничкиот свет во иднина. Изразил убедување дека Балканот повторно ќе се обедини, не само како географска целина, туку и како место на допир на цивилизациите, културите и религиите во пошироки размери, каде што ќе преовладува мирот, безбедноста и благосостојбата, стои во соопштението.
Гаши посочил дека Македонија е пример дека и на овие простори може да се гради соживот, градејќи држава и општество со различности, но во комплементарно единство.
На средбата со Одборот за надворешни економски односи Турција – Македонија, станало збор за можностите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да го следи примерот на одличните политички односи.
Гаши истакнал дека државните институции прават сè што е во нивна моќ за да се олесни економската соработка, за што придонесува и географската близина, добрата инфраструктурна повразност и директните авионски линии меѓу двете земји. Било подвлечено дека се заемни заложбите на двете земји за зголемување на вкупната трговска размена и беше изразено очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Македонија.
Во рамките на официјалната посета на Турција била остварена и средба со граѓани од Македонија кои престојуваат во Истанбул, на која Гаши нагласил дека Македонија и Турција ги поврзуваат историски и културни врски и во тој поглед, а иселениците претставуваат значајна алка во цврстото пријателство и плодната соработка меѓу двете земји.