Фото: ИКС

Институтот за комуникациски студии (ИКС) иницира петиција за спас на најзагрозената пеперутка во Европа, ендемски вид од Македонија

Институтот за комуникациски студии (ИКС) иницира петиција за вклучување на македонската сивка (Pseudochazara cingovskii) во анексот 1 на конвенцијата ЦИТЕС, за да се спречи нејзино исчезнување поради нелегален излов и нелегална меѓународна трговија

Најзагрозената пеперутка во Европа, македонската сивка, е ендемски вид пеперутка што живее само во варовничките предели кај превојот Плетвар. Со хабитат помал од 10 квадратни километри, таа е изложена на висок ризик од исчезнување, особено поттикнато од побарувачката од колекционери на инсекти.
Затоа, Институтот за комуникациски студии (ИКС) и германската организација „Про вајлдлајф“ упатија писмо до македонските институции, со барање Македонија формално да поднесе предлог до ЦИТЕС најдоцна до 27 јуни, пред Конференцијата на страните (КоП20), која ќе се одржи во Самарканд од 25 ноември до 5 декември 2025.

Вклучувањето на овој вид во анексот 1 на конвенцијата ЦИТЕС ќе овозможи:
– Забрана за меѓународна трговија;
– Поддршка за национални и гранични контроли;
– Подигнување на свеста за заштита на видот на глобално ниво.

Фото: ИКС

Со петицијата, ИКС бара македонската влада формално да поднесе предлог за внесување на Pseudochazara cingovskii (македонска сивка) во додатокот 1 од Меѓународната конвенција за меѓународна трговија со загрозени видови флора и фауна (ЦИТЕС) во пресрет на 20-та Конференција на страните (КоП20) во Самарканд, Узбекистан, од 25 ноември до 5 декември 2025. Вклучување на видот во додатокот 1 од ЦИТЕС ќе понуди важна легална рамка преку која може да се бориме против меѓународна трговија, ќе се помогне националната контрола и ќе се подигне свеста за видот на меѓународно ниво. Дополнително, ова ќе ги зацврсти државните напори да се заштитат овој и други силно загрозени видови и хабитати од регионот.

Меѓународна заштита на нашата ендемска пеперутка – македонска сивка!

Германската организација „Про вајлдлајф“ и Институтот за комуникациски студии (ИКС) официјално упатија писмо до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со барање Северна Македонија да поднесе предлог за вклучување на македонската сивка (Pseudochazara cingovskii) во додатокот 1 на конвенцијата ЦИТЕС – највисоко ниво на заштита од меѓународна трговија.

Организациите апелираат државата да го достави предлогот до Секретаријатот на ЦИТЕС најдоцна до 27 јуни, пред одржувањето на 20-та Конференција на страните (КоП20), која ќе се одржи од 25 ноември до 5 декември во Самарканд, Узбекистан.
– Вклучувањето на Pseudochazara cingovskii во додатокот 1 од ЦИТЕС ќе овозможи силна правна рамка за борба против нелегалната трговија и ќе ја зацврсти националната контрола и свест на меѓународно ниво – стои во писмото потпишано од Сандра Алтхер од „Про вајлдлајф“ и Жанета Трајкоска, директорка на ИКС.
Предлогот произлегува од истражувачка сторија на ИКС, која прва ги обелодени случаите на криволов и трговија со овој уникатен вид.

Од „Про вајлдлајф“ истакнуваат дека Македонија, како единствена земја во која живее овој вид, има целосна легитимност да го поднесе предлогот и дека тој со голема веројатност ќе биде поддржан на конференцијата. Организациите порачуваат дека се подготвени целосно да ја поддржат земјата во подготовката и поднесувањето на предлогот, а истовремено го поздравуваат лидерството на Македонија во зачувување на биолошката разновидност.


Македонскиот вид одамна е веќе сериозно загрозен

Пеперутката македонска сивка (Pseudochazara cingovskii) е сериозно загрозен ендемичен вид пеперутка со мало распространување и може да се сретне само на варовничките предели, близу превојот Плетвар во централниот дел на државата. Видот може да се сретне на мал и фрагментиран хабитат, помал од 10 квадратни километри низ седум микролокалитети. Овој вид е класифициран како критички загрозен на ИУЦН црвената листа на видови; се наоѓа на националната листа на заштитени видови и се смета за најзагрозениот вид пеперутка во Европа. Доказите посочуваат кон тоа дека меѓународната трговија на видот, мотивирана од побарувачката на колекционерите на инсекти, значајно придонесува кон намалувањето на видот. Многубројни извори потврдуваат илегална интернет и физичка трговија на видот, вклучувајќи и неколку европски пазари што се специјализирани за трговија со инсекти. Екологијата на видот Pseudochazara cingovskii, начинот на кој лета и периодот што го минува во мирување го прават видот уште полесна цел за уловување. Истражувањата покажуваат дека илегалната меѓународна трговија како резултат на побарувачката на колекционерите претставува сериозна закана за опстанокот на оваа пеперутка.