Мирен изборен ден, демократски и фер изборен натпревар и висока излезност се главните карактеристики на изборниот ден. Институциите обезбедија коректен изборен процес во кој граѓанкитe и граѓаните можеа слободно да гласаат. Политичките партии и претседателските кандидати имаа можност непречено да ги претстават своите програми и концепти во јавноста, а медиумите немаа пречки во известувањето. Тоа е прелиминарната оценка на ЦИВИЛ на претседателските избори што се одржаа на 24 април.
Мониторингот на терен се спроведе преку мобилни краткорочни теренски набљудувачи во Скопје, Куманово, Пробиштип, Штип, Кочани, Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид, Струга, Кичево, Тетово, Гостивар.
– Набљудувачите регистрираа повеќе од 60 случаи на нерегуларности во текот на гласањето на 24 април.
Поголем дел од тие нерегуларности беа од техничка природа. Поточно, во повеќе случаи се работеше за неисправност на фингерпринт апаратите или за неможност да се вчитаат податоците на поединечни гласачи. Изборната администрација успешно се справи со овие технички предизвици. Сепак, во два случаи, гласачите се откажаа од гласањето поради должината на чекањето.
Посериозно нарушување на стандардите се бележи во десетина случаи во кои поединци од изборната администрација (избирачките одбори) сугерираа, односно вршеа влијание врз гласачите – за кого да гласаат – велат од ЦИВИЛ.
МВР извести за пет, а ЦИВИЛ за еден случај на фотографирање на гласачкото ливче.
Регистрирани се и неколку случаи на нарушување на тајноста на гласањето, како и повреда на правото на глас.
– Кршењето на изборниот молк беше регистрирано во неколку случаи, како на терен, така и на социјалните мрежи и во дел од медиумите. Иако беа пријавени неколку сомнежи за изборен поткуп, не беа обезбедени докази за такви дејствија. ЦИВИЛ подготвува целосен извештај со сите поединечни случаи и избирачки места, односно локации каде што се регистрирани изборни нерегуларности на денот на гласањето, како и целосен извештај од долгорочниот мониторинг – велат од ЦИВИЛ.
На парламентарните избори на 8 мај, ЦИВИЛ ќе распореди околу 100 акредитирани набљудувачи.