Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе спроведе мониторинг на Претседателските избори за кои првиот круг кој ќе се одржи задутре со 51 акредитиран набљудувач, а ќе го следи и почитувањето на изборниот молк што стапува во сила ноќеска на полноќ, најави Џабир Дерала од ЦИВИЛ на прес-конференција.
– Сите набљудуваќи на ЦИВИЛ ќе бидат мобилни и ќе посетуваат поголем број на избирачки места. Како и секогаш ќе спроведуваат мониторинг на поширокиот регион каде се распоредени. Тие ќе бидат во постојана комуникација со граѓаните и прес-центарот и ќе прибираат информации – рече Дерала.
Нивниот мониторинг за изминатиот период покажал оти кампањата во контекст на Парламентарните и Претседателските избори е почната уште во средината на 2023 година.
– Една од главните одлики на политичката кампања во изминатиот период се дезинформациите, говорот на омраза и антизападните наративи кои дел од политичките ентитети во земјава ги користат како главно пропагандно орудие за постигнување предност пред политичките ривали – рече Дерала.
Според него, мониторингот на ЦИВИЛ секојдневно бележи најмалку по 100 случаи на говор на омраза на социјалните мрежи кои се насочени кон кандидатите за претседател/претседателка, како и кон нивните симпатизери.
– Политичката сцена во земјата е целосно зафатена со националистичка пропаганда. Во тој контекст се бележат голем број случаи на говор на омраза по етничка основа, а често и изрази и пораки кои спаѓаат во кривичното дело ширење етничка, верска и расна омраза. И во медиумите како и во јавните настапи на политичките ентитети се бележи тон на остра дескридитација против политичките противници, а неретко и националистички пораки и наративи – наведе Дерала.
Тој соопшти и дека анализата на мониторинг тимот на ЦИВИЛ покажала дека постојат поголем број трол фабрики кои коментираат на социјалните мрежи во ист или сличен стил од различни места.
– Освен кон политичките ентитеи, ЦИВИЛ регистрира говор на омраза и закани и кон интелектуалци, новинари и активисти. Денеска бележиме директна закана по безбедност на новинарка која напиша тема од светот која не е директно поврзана со нашата земја. ЦИВИЛ бара од одговорните институции да преземат законски чекори да го сопрат овој дискурс во јавната комуникација и има потенцијал сериозно да ги загрози демократските процеси – рече Дерала.